Психијатарот Александар Марцикиќ денеска во судница, на рочиштето за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје рече дека тројцата обвинети се психички здрави индивидуи.
Тој зборуваше поединечно за состојбата на секој од обвинетите – Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19), врз основа на тоа што го констатирал на преглед на 28 април 2022 година, дваесетина дена по убиството на Тот.
Вештакот рече дека секој од обвинетите во време на настанот бил со запазено психичко здравје, така што, како што посочи, можеле да ги разберат своите постапки, да ги претпостават последиците и да раководат со нив.
За Клементина Левковска тој посочи дека е психички здрава индивидуа со уредна интелигенција.
„Со прегледот се констатирани реакција на актуелната стресогена ситуација за неа која ценам дека е од висок степен поради настанот и исходот од настанот којшто се случил, како и реперкусиите кои дошле потоа, во вид на кривична постапка и притвор“ – рече тој.
За останатите двајца, Анџело Георгиевски и Андреј Костовски, исто така, посочи дека станува збор за психички здрави личности со просечна, односно уредни интелектуални капацитети и кај нив е констатирана психичка реакција на стресни ситуации во рамките на нормална реакција поради исходот од настанот, притворот и кривичната постапка која се води.
Во врска со прашањето дали обвинетите до сега страдале од некое минливо или трајно психичко нарушување, Марцикиќ одговори дека од прегледот, кој го направил констатирал дека кај обвинетата Клементина Лековска на 13 годишна возраст било констатирано минливо психичко нарушување во вид на нарушување на однесувањето во детска возраст.
„Ова нарушување значи дека во тој период од животот таа манифестирала и однесување кое се карактеризирало со дисоцијални постапки, агресивност, раздразливост, кое го надминувало бунтовното и инаетливо однесување карактеристично за овој период во којшто таа се наоѓала, тоа е период на пубертет“ – рече тој.
Ниту еден од обвинетите, во моментот кога му бил правен прегледот, според неговото сведочење, не манифестирал какви било знаци на пасивна или активна агресивност.
„Како што опишав, кај нив беше актуелна психичката реакција на исходот од настанот и реперкусиите од нив, коишто главно се со слични манифестации, грижа на совест, чувство на вина, видлива вознемиреност поради исходот на случката и кривичната постапка против нив, страв или анксиозност од самата постапка и последиците, пред сè мислам на социјалните последици“ – рече психијатарот.
Денеска во судница сведочеше и вештото лице од Судска медицина, Ана Ивчева. И таа, како и нејзините колеги од Судска медицина, Александар Станков и Рената Јанкова, кои сведочеа на минатото рочиште, како причина за смртта на сега покојниот Денис Тот го посочи нагмечувањето на ’рбетниот и големиот мозок.