Пругата кон Бугарија конечно излегува од „слеп колосек“

Пругата кон Бугарија конечно излегува од „слеп колосек“ – до 18 овој месец фирмите кои се избрани ќе почнат со своите активности на првите две делници, а официјално почетокот на градбата ќе се одбележи на 29 октомври оваа година. Парите за овој проект се обезбедени, завршена е и експропријацијата, па доколку сѐ оди според планот, двете делници до Крива Паланка би требало да бидат завршени до крајот на 2025 година.

Што се однесува до делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија, таа се очекува да биде завршена до крајот на 2027 година. Во истиот овој период се и најавите од бугарска страна дека и на нивна територија ќе бидат реализирани неопходните активности, што значи дека потоа би можело да се патува со воз од Скопје до Софија или во спротивна насока.

Ова денес на прес-конференција го истакна Хари Локвенец, генерален директор на Јавното претпријатие „Македонски железници – инфраструктура“, кој истакна дека конечно почнува финалната фаза за изградба на пругата кон Бугарија, односно источното крило на Коридорот 8.

„Станува збор за сеопфатна активност со која почнува градбата на првите две делници. Едната од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар, која ќе ја гради конзорциумот ‘Штрабак’, за што проектното време е определено на 24 месеци. Меѓутоа, од самата компанија имаме најава дека би завршиле во рок од 18 месеци. Вториот дел ќе го работи турската компанија ‘Ѓулермак’ и проектното време за изведба е предвидено да биде 36 месеци. Тоа значи дека до крајот на 2025 година ние би ги имале завршено двете фази од пругата кон Бугарија до Крива Паланка“, рече Локвенец.

Што се однесува до третата делница од Крива Паланка до границата со Бугарија, тој посочи дека во завршна фаза е подготовката на тендерската документација која би требало да се објави најдоцна до почетокот на 2023 година и изборот за изведувач да биде завршен до крајот на таа година.

„Почетокот на градбата треба да го означиме до крајот на 2023 година. Проектното време за завршување на овој дел од градбата е четири години. Ве уверувам дека овде не е прашање дали можеме. Поради условите на Европската унија и заради потребата да го покажеме својот капацитет, својата подготвеност, да го сработиме, ние мора да ја почнеме изведбата на овој дел од пругата до крајот на 2023 година. Имајќи предвид дека предвиденото време за градба на тој дел е четири години, значи дека до крајот на 2027 година ние би имале готова пруга до Бугарија“, рече Локвенец.

Сепак, како што истакна, за да стигне возот до Софија или од Софија до Скопје, потребно е и од бугарска страна да се заврши работата.

„Имаме ветување со нивните проекции дека ќе ја завршат до 2027 година. Тоа значи дека сме комплементарни во својата работа и се надополнуваме во реализацијата на овој важен инфраструктурен проект“, рече Локвенец.

Во однос на експропријацијата, која често знае да биде сериозна пречка на големите инфраструктурни проекти, Локвенец посочи дека за да се тврди дека ќе се испочитуваат роковите, според неговото мислење има три предуслови кои треба да бидат исполнети. Првиот е да бидат обезбедени пари.