„Проширувањето кон Западен Балкан добива на итност и значење во ситуација на руската агресија во Украина“, е пораката на европратениците Тинеке Стрик и Рајнхард Бутикофер кои во изминатите денови во Скопје се сретнаа со државно-владиниот врв, претставници на Собранието, членови на владејачкото мнозинство и опозицијата.
Двајцата членови на Европскиот парламент од редовите на Зелените повторија дека Унијата не смее да дозволи Русија и други трети играчи да го злоупотребат проширувањето и дека Северна Македонија, попочетокот на пристапните преговори, треба да покаже сериозен напредок во реформскиот процес.
„Разбирањето за потребата на комплетирање на проектот на обединување на Европа е поочигледно од кога било. Со Русија имаме европска земја која си поставува империјалистички цели и амбиции не само против Украина, туку и против европската безбедносна архитектура. Не може да дозволиме Русија или други трети земји да го користат процесот кој се уште не е завршен за да предизвикуваат проблеми кои ќе ја зафатат цела Европа. Оттука, некои европски политичари кои во минатото сметаа дека Западен Балкан може да чека зашто во некој момент од иднината ќе влезат во ЕУ, сега ќе мора подобро да размислат зашто постои итност. Вие, не само Северна Македонија, туку целиот регион носи придонес за безбедноста на Европа. Затоа мислам дека процесот на проширување добива на итност“, вели европратеникот од Германија Рајнхард Бутикофер.