
Проф. Трајковски: Што треба да направи Македонија со резервите на литиумска руда?
- Македонската влада, слично како и со енергетиката, навикната е да го распродава националното богатство наместо самата да инвестира и да профитира. Сега, изгледа, се намерачила да го распродава и рудното богатство под колонијални услови, смета универзитетскиот проф. Дејан Трајковски.
Македонската влада, слично како и со енергетиката, навикната е да го распродава националното богатство наместо самата да инвестира и да профитира. Сега, изгледа, се намерачила да го распродава и рудното богатство под колонијални услови.
Најновиот „хит“ во рударството е литиумот – стратешки метал од кој ќе зависи Зелената транзиција кон обновливи извори на енергија, но и експанзијата на електричните автомобили, поради потребата од лесни батерии со голем капацитет за складирање на електрична енергија.
Литиумската треска веќе ја зафати Србија, а беше само прашање на време кога експлоатацијата на литиумот ќе стане актуелна и во Македонија. Во нашата земја се откриени резерви на литиумска руда, најверојатно во форма на минерали како сподумен или лепидолит. Според проценките, овие резерви се вредни околу 10 милијарди долари, со вкупно приближно 1 милион тони литиум.
За жал, македонската влада, навикната да раскрчмува сè и сешто, се подготвува да ги даде и рудниците на литиум под концесија – слично како и останатите рудници на метали и неметали во земјата. Не е случајно што беше формирано Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кое, наместо да се занимава со сопствени инвестиции во енергетиката и рударството, знае единствено да се занимава со концесии, а понекогаш (како во случајот со ветропаркот на Алказар Енерџи) едноставно и да подарува без концесија. Се фалат дека ќе го зголемеле концесискиот надомест од 2% на 5%, прикажувајќи го тоа како голем успех, иако во суштина тоа е целосен пораз за државата и доброволно влегување во неоколонијално ропство.
Подеталните пресметки на исплатливоста (кост-бенефит анализите) ќе ги разгледаме другпат, но најважното е следново: со парите од концесиите и данокот на добивка на странските компании кои ќе го експлоатираат нашето рудно богатство – а зад себе ќе остават трајно загадување и пустош – нема да можеме ни да ги покриеме еколошките трошоци за складирање на милионите тони рударски отпад.
Кај литиумот, отпадот главно ќе се состои од сулфати, односно соли на сулфурната киселина со калциум, магнезиум и натриум. Овие соли се лесно растворливи во вода и, доколку дојде до протекување од базените и депониите каде што ќе се чуваат, може да навлезат во почвата и да ги загадат подземните води. Иако сулфатите не се токсични како цијанидите, тие сепак би ги направиле подземните води трајно непогодни за пиење, бидејќи нема едноставен начин за нивно прочистување, освен со дестилација.
Тука не станува збор за самата концентрирана сулфурна киселина, од која ќе се користат стотици илјади тони годишно. Таа во процесот се користи за добивање литиум сулфат од литиумски концентрат со пржење на висока температура, а потоа за преработка до литиум хидроксид монохидрат, главната суровина за батериите. Дури и во најдобар случај, ако нема излевање на киселината и ако остатоците бидат неутрализирани до соли (сулфати), проблемите со загадувањето и натаму остануваат.
Постоечките податоци кажуваат дека трошоците за трајно складирање на сулфатите изнесуваат околу 1000 евра за тон литиум-карбонатен еквивалент (LCE). Тоа значително ги зголемува производствените трошоци за добивање литиум и токму затоа мултинационални компании како Рио Тинто бараат земји со ниски еколошки стандарди, каде што би инвестирале. Многу е поверојатно дека Македонија самата би требало да плаќа за складирање на овој отпад, со што сите приходи од концесија и даноци на добивка би се потрошиле за еколошки трошоци. Ова особено важи во услови на сегашните ниски берзански цени на литиумот, што поради намалените приходи би ги намалило и прибраните концесии и даноци.
Значи, освен што сите пари од концесиите и даноците би отишле за еколошки трошоци, Македонија би останала и без рудното богатство, така што крајниот ефект од концесиската зделка би бил длабоко негативен за државата.
За разлика од ова губитничко сценарио, споредбите со други земји покажуваат дека Македонија би можела да оствари многу високи стапки на профитабилност, доколку самата инвестира во овој рударски бизнис. Иако таму се работи за друг метод на експлоатација – со солена вода од нафтени бушотини наместо со рударење од цврста карпа – физибилити студиите од Канада и Чиле (линкови на крајот) предвидуваат внатрешни стапки на принос од 30% до 40%, дури и без финансирање со кредит. Со помош на кредит и финансиски левериџ (лост), приносите се уште повисоки.
Вакви стапки Македонија не може да постигне ниту со проектот „Вардарска Долина“, а камо ли со брзата пруга, која е чиста загуба. Освен тоа, за разлика од ограничениот проток на Вардар за хидроцентралите, рудникот е скалабилен, односно можеме да го направиме колку што сакаме голем заради остварување на поголеми добивки.
Но има една финеса: профитабилноста е висока само ако се инвестира во целиот производен процес за добивање барем литиум карбонат, а уште подобро – литиум хидроксид, финалниот производ за батериите. Ако се инвестира само во рудник и флотација (за добивање концентрат со 6% литиум оксид), при сегашната берзанска цена од 10.000 USD/t LCE, внатрешната стапка на принос опаѓа на само 6–8%. Тоа е доволно да ја победи инфлацијата и да донесе умерен инвестициски принос, иако далеку од спектакуларен.
Во овој случај, дополнителна предност е што се избегнува употребата на сулфурна киселина и создавањето сулфатен отпад, бидејќи производниот процес не стигнува до тие фази.
Опции за инвестирање и профитирање постојат, но само под еден услов – Македонија како држава самата да инвестира, наместо да го распродава рудното богатство под концесија со негативен нето резултат.
Ако веќе мораме да го носиме ризикот од загадување, тогаш е важно барем да профитираме. Според прогнозите за светската побарувачка на литиум, цените и профитите во иднина само ќе растат.
—————————-
На подолните линкови се дадени многу информативни текстови како за технологијата на добивање на литиум од солена вода, така и финансиски анализи за профитабилноста на рудници за литиум.
https://www.canadianminingjournal.com/…/volt-lithium…
https://thenewswire.com/…/1AqRFn6V5-lithium-chile…
*Објава на Фејсбук на универзитетскиот професор Дејан Трајковски