Професорката Билјана Ванковска е кандидатот на партијата Левица за претседателските избори на 24 април и 8 мај.
Според претседателот на партијата, Димитар Апасиев, тие го имаат најдобриот кандидат. Ванковска, како што рече Апасиев на денешната промоција на кандидатот, во внатрепартиските анкети, каде имало повеќе имиња, го имала најдобриот скор.
„Следно е собирање на 10 илјади потписи кое планираме да ги финишираме успешно и да го имаме според нас најдобриот разумен кандидат“, рече Апасиев.
Ванковска која рече дека се чувствува како дел од тимот на Левица, иако не е член на партијата, упати благодарност на довербата и одговорноста за заеднички настап на овие избори.
Таа додаде дека е свесна оти ова ќе биде, како што рече, тешка и валкана кампања, полна со шпекулации. Верувам, додаде таа, дека ќе има добри кандидати со кои ќе можеме да ги одмериме ставовите, а имам чувство дека ќе се најдам сама против сите.
Професорката Ванковска, во своето претставување, потсети дека пред 10 години како независен кандидат се обидела на влезе во фазата на собирање 10 илјади потписи.
„Зошто 10 години подоцна се враќам на ова? Затоа што сфатив дека многу работи се променија. Прво и основно ако станува збор за мене како кандидат овој пат нема да бидам, како што велат некои, политичка манекенка која само ќе пропарадира и нема да успее. Овој пат сум со многу поголема самодоверба, дека постои еден тим. Она што ме доближува до Левица е патриотизмот преплетен со левичарството. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност и тоа е вториот фактор што ме натера да ја прифатам оваа покана. Тоа е дека за 10 години Македонија е се што немаме. За 10 години е во многу полоша ситуација од било што што јас можев да претпоставам во она време“, рече Ванковска.
Таа рече дека може е еден од ретките јавни интелектуалци кој никогаш не криел дека има леви погледи на светот и пред да постои Левица. Всушност, како што рече Ванковска, објавата за формирањето на Левица било на еден од нејзините родендени, 14 ноември.
Според Ванковска, Македонија тоне во бермудски триаголник.
„Триаголникот има три агли, а ние имаме три договори кои ја влечат да тоне во политичка, демократска, идентитетска и секаква друга смисла. Години подоцна, од првиот договор, Рамковниот, па до овој последниот, па и ова што ни виси над глава со уставните промени што ги бара Бугарија, се елементи кои не даваат надеж или шанса да веруваме дека ќе испливаме или дека ќе тргнеме кон подобро утро. Ова е крајно време да се сврти нов лист“, додаде таа.