Професорот Лазар Јовевски ќе ги помирува Синдикатот на УЈП и Владата
Синдикатот на УЈП предложи, Владата прифати – професорот Лазар Јовевски да биде помирувач меѓу вработените на УЈП и Владата.
Од Министерството за труд очекуваат дека со посредство на помирувачот ќе се најде решение за барањата на вработените.
Од Синдикатот пак, се надеваат дека наредната недела ќе се одржи средба меѓу трите страни – ,,Ако има договор, нема генерален штрајк. Во спротивно, вработените излегуваат на улица”, јавува тв Сител.
,,Наредната недела, доколку помирувачот е во можност, ќе седнеме со помирувачот, Синдикатот и директорот на УЈП и ќе се образложат барањата, на кои ќе се бара заедничко прифатливо решение. Ако има договор, а тоа зголемување на платите согласно Колективниот договор, престануваме со протестот и нема да има генерелан штрајк. Во спротивно – истиот ќе се одржи” – изјави Васе Недановски, престедател на Синдикатот на УЈП.
Од Синдикатот на УЈП додаваат дека се додека не се донесе било каква одлука – протестот од 2 часа останува на сила. Вработените продолжуваат со незивршување на работните задачи секој ден од 10 до 12 часот.
Помирувачот Лазар Јовевски во изјава за порталите најави дека има надеж да се најде заедничко прифатливо решение за двете страни. Но, за зголемување на платите од 30 отсто, како што бараат вработените во Управата, смета дека ќе биде потребна измена на Законот за буџет, а модалитетите со кои се менуваат платите на админситративците е или со Одлука на Влада или преку колективниот договор.
За нов колективен договор, средба со преставниците на социоекономските совет е закажана за четврток.
Од Власта најавија дека барањата за пресметка на платите кои ги даде Синдикатот се прифатливи, а времето за раст на платите од 5 ќе го скратат на 2,5 години.