
Професионалните војници работат на определено, па не можат да се пензионираат
„Професионалните војници се единствените работници во државата што работат и по 25 години на определено време со продолжување на договори и по 7-8 пати во тој временски период и без можност на право од работен однос – пензионирање“, вели Насковски.
Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје соопшти дека од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е добиено Mислење за утврдена индиректна дискриминација од страна на Министерството за одбрана кон сите професионални војници на служба во Армијата на Република Северна Македонија.
„Јас Александар Насковски како претседател на синдикатот и професионален војник поднесов претставка на 12.11.2024 година до КСЗД за утврдување на дискриминација, бидејќи Министерството за одбрана не им го трансформира работниот однос од определено на неопределено време на професионалните војници согласно член 46 од Законот за работни односи. Професионалните војници се единствените работници во државата што работат и по 25 години на определено време со продолжување на договори и по 7-8 пати во тој временски период и без можност на право од работен однос – пензионирање“, вели Насковски.
Потребата за поднесување на ваква претставка до Комисијата е игнорирањето на нивните предлози од сите министри за одбрана кога се во прашање правата на професионалните војници. Затоа како еден од четирите синдикати во Армијата се единствени во борбата за подобри права и еднаквост на работниците во Армијата.
Како синдикат до Собранието на РСМ и до сите пратеници и пратенички групи на 3 јуни 2025 доставивле предлог-закон за измена и дополнување на Законот за служба во Армијата на РСМ со кој се решаваат децениските проблеми на професионалните војници и се решава статусот на професионалните војници, и со негово донесување од страна на пратениците ќе се испочитуваат и препораките на Комисијата која ја утврди индиректната дискиминација врз професионалните војници.
Независниот синдикат на професионални војници СО Скопје се надева дека Министерството за одбрана ќе ги испочитува препораките на Комисијата и исто така и пратениците ќе го предложат овој закон со што ќе се исправи децениската неправда кон професионалните војници и ќе се заштедат огромни финансиски средства во буџетот на министерството за одбрана со донесување на овие измена и дополнувања на Законот за служба во Армијата.