Протест од грчката амбасадорка во земјава – ја напушти инаугурацијата на Силјановска-Давкова

Грчката амбасадорка во земјава – Софија Филипиду, која попладнево беше во македонското Собрание на седницата на Собранието за инаугурација на Гордана Силјановска-Давкова за претседателка на државата, ја напушти пленарната сала.

Заминувањето е во знак на протест поради тоа што Силјановска-Давкова, при давањето свечена заклетва, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија туку користеше Македонија.

Веста прв ја објави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски:

За потегот на Филипиду „360 степени“ добиле потврда и од Амбасадата на Грција во земјава.

„По инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција, амбасадорката Софија Филипиду ја напушти салата“ – се вели во информацијата од грчката амбасада.

Силјановска-Давкова во изборната програма и во предизборните настапи наведуваше дека при обраќањата и именувањето на државата, нема да ја користи придавката „северна“.