Протест на приватните специјализанти, бараат повисоки плати и регулирање на работниот статус

Приватните специјализанти денеска во 11 часот ќе одржат мирен протест пред Министерството за здравство со барања за покачување на месечен надоместок, здравствено осигурување и регулирање на работниот статус, најавија од Здружението на лекари специјализанти.

Како што информираат, нивните барања до министерот за здравство се покачување на месечниот надомест кој што, како што посочуваат, сега е 26.000 денари на ниво на моментална просечна плата во државава и понатамошно усогласување на нивната плата со просечната плата во државата.

Здружението бара сите приватни специјализанти да добијат здравствено осигурување и да им се регулира работниот статус, бидејќи, како што наведуваат, во моментов се водат како невработени лица, со договор на дело, без стаж, во тек на шест години специјализација.