Протест на возачите на ЈСП пред Град Скопје, очекуваат одлука за платите

Автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ утрово од 9 часот се повлекуваат во двете авто-бази во Автокоманда и во Ѓорче Петров, а возачите одат пред бараките на Град Скопје.

Таму, од 10:30 часот, на протест, ќе го чекаат исходот од вонредната седница на Советот на Град Скопје, закажана половина час подоцна, на која ќе се расправа и треба да се одлучи за исплата на субвениции на ЈСП за декември во износ од 11 милиони евра.

Вработените во јавниот градски превоз на ваков чекор се одлучија вчера на состанок на Синдикатите на ппретпријатието бидејќи немаат земено плата за месец декември, поради неисплатените субенции.

„Вработените во ЈСП ‘Скопје’ имаат срце и душа да им излезат во пресрет на граѓаните на Скопје, на болните лица, децата, вработените за да може да стигнат на своите работни места. Меѓутоа во 9 часот сите автобуси се повлекуваат во базите. Во 10:30 часот вработените на ЈСП ќе бидат пред Собранието на Град Скопје каде во 11 часот почнува вонредната седница на советот околу субвенционирањето на јавното претпријатие“ – рече вчера претседателот на Синдикатот, Миќо Стојановски.

По состанокот, Стојановски рече дека зависно од епилогот од седницата на Советот ќе зависи дали автобусите на ЈСП ќе продолжат да возат.

„Доколку исходот од седницата е позитивен и се донесе одлуката онака како што ние ја бараме и кога на сметките на вработените ќе се префрли декемвриската плата, автобусите ќе продолжат да возат. Се надевам дека така ќе продолжи и целата 2024 година за да не се случуваат вакви настани каде ќе ги малтретираме нашите корисници на услуги, тоа се граѓаните на Скопје и мислам дека таа пракса што ја практикуваат советниците во Град Скопје ќе престане еднаш засекогаш“ – рече Стојановски.