Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред Собранието и пред Стопанската комора на Северна Македонија на протест за изразување на незадоволство од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и со барање минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата.
Претседателот на ССМ, Дарко Димовски испрати порака до пратениците во Собранието, дека не може вторпат да не го усвојат законското решение за недела неработен ден.
„Деведесет и два проценти од работниците денеска требаше да одмораат, а останатите осум отсто да земат минимум зголемена дневница од 50 проценти. Затоа ги повикувам веднаш да влезат во пратеничките клупи и да го изгласаат ова законско решение од кое ние работниците ќе имаме голем корист“ – рече Димовски.
Тој потсети дека минималната плата треба да изнесува 60 проценти од просечна плата, односно 18.000 денари.
„Исто така, потребно е и останатите плати да растат бидејќи се зголемија животните трошоци и затоа е неопходна примената на Колективните договори по сектор или гранка, со цел да не дојде до израмнување на платите“ рече тој.
Димовски соопшти дека добиле ветување оти недела неработен ден ќе биде изгласан наредната недела и законското решение за сите работници кои ќе одмораат или ќе работат во недела ќе почне да важи од 1 јануари.
„Имаме гаранција, имаме решение, ќе седнеме и ќе разговараме со цел да се донесе и законското решение за зголемување на минималната плата, барем до јануари 2022 година“ – додаде тој.