
Протест во Тирана против законот за родова еднаквост
Во организација на Коалицијата „За семејство и живот“ на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, одржан беше протест против законот за родова еднаквост, барајќи претседателот Бајрам Бегај да не потпишува уредба, бидејќи „ги нарушува вредностите и традиционалната структура на албанското семејство“.
Во организација на Коалицијата „За семејство и живот“ на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, одржан беше протест против законот за родова еднаквост, барајќи претседателот Бајрам Бегај да не потпишува уредба, бидејќи „ги нарушува вредностите и традиционалната структура на албанското семејство“.
Организаторите обвинија дека законот воведува концепти кои, според нив, не се совпаѓаат со албанската култура и традиција и повикаа на поголема јавна дебата.
Се обрати и теологот Сокол Кондакчиу наведувајќи дека законот воведува нов концепт за родот, вадејќи го од неговиот природен и значаен контекст, и го нарече „антихуман“ проект што ги нарушува бракот, децата и традиционалните вредности.
На плоштадот присуствуваа голем број граѓани, од сите делови на земјата, а имаше и деца облечени во народни носии, што според нивните родители симболизира заштита на албанскиот идентитет.
„Како е можно сите оние што доаѓаат од едно семејство да се против семејството? Загрижени сме за нашите деца, каков ќе биде нивниот живот подоцна со овој закон. Не посакувам ниту едно дете да биде пред овие валкани работи што се прават, изјави мајка на две момчиња.
Учесниците носеа транспаренти на кои меѓу другото пишуваше „Убијци на традицијата = Предавници на нацијата“, изразувајќи стравувања дека законот би можел да влијае на помладите генерации.
Протестот мина без инциденти, а организаторите предупредија дека граѓанските иницијативи за спротивставување на законот ќе продолжат во наредните денови.
Споменатиот закон албанскиот парламент го усвои на 6 ноември, со 77 гласови „за“(пратениците од владејачкото мнозинство) и 36 „против“, оние од опозицијата. Против законот претходно се изјаснија и поглаварите на верските заедници во земјата, како и дел од невладиниот сектор.