Група граѓани во Струга протестираа против отворањето коцкарници и обложувалници во градот. Се противат како што велат, на најавите и обидот за изградба на уште едно казино во непосредна близина на училиште.
„Сме за да нема казина во Македонија како што е на пример во Грција. Да не се до вакви станбени места или до школи, барем да најдат начин тоа да се дислоцира“, вели жител на Струга.
„Ваквите локали треба да бидат надвор од урбаните места каде што живеат луѓе. На 200 метри одовде ја имаме градинката. Прво нешто што треба да направи државата е да го реши овој проблем со закон“, порача граѓанин присутен на протестот.
На протестот беа присутни и претставници на Муфтиството на ИВЗ во Струга, од каде побараа затворање на сите казина.
„Гледаме секој ден лошо и полошо. Не само тие што играат туку и тие што ја поддржуваат оваа болест, казино. Ние не бараме да е блиску или далеку од градинките, ние бараме да се тргнат сосема од нашето општество“, порача Ади Муртиши, муфтија од Струга.
Во Струга има педесетина казина и спортски обложувалници. Жителите велат дека поднеле барање за стопирање на работите до општината и ресорните министерства.