
Протест во Букурешт поради владините економски мерки
Четири романски синдикални конфедерации денеска организираа протест во Букурешт поради владините економски мерки, а демонстрантите побараа и оставка на Владата на Илие Боложан
Четири романски синдикални конфедерации денеска организираа протест во Букурешт поради владините економски мерки, а демонстрантите побараа и оставка на Владата на Илие Боложан.
Синдикатите бараат зголемување на минималните плата и пензија, почитување на законските и договорните права на вработените, фер оданочување, како и заштита на работните места и инвестициите во економијата за да нема отпуштања на персоналот.
Протестот беше организиран од Конфедерацијата на демократски синдикати на Романија, Националната конфедерација на синдикати „Картел Алфа“, Националната конфедерација на слободни синдикати „Братство“ и Националната конфедерација на синдикати „Меридијан“.
Претходно романскиот Парламент, на предлог на коалициската Влада на премиерот Боложан, усвои два пакета мерки за штедење во обид да го ограничи прекумерниот буџетски дефицит, кој минатата година достигна највисоко ниво во ЕУ од 9,3 проценти. Мерките, кои вклучуваат замрзнување на платите и пензиите во јавниот сектор, наидоа на незадоволство и протести на јавноста.
Според романските медиуми, на четиричасовниот протест учествувале околу 15.000 луѓе од цела земја. Протестот помина без инциденти.