На тукушто акредитираниот амбасадор на Бугарија во земјава, Жељазко Радуков, му падна задачата да ги извлекува „врелите костени“ за петочната непријатна дипломатска ситуација во која претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска-Давкова се ракуваа само пред бугарско, а без македонско знаме.
На Радуков му е врачена протестна нота за овој, како што го објаснуваат во македонското МНР, протоколарен пропуст на бугарската страна.
Извори во МНР објаснуваат дека тимови за протокол од двете страни, во периодот пред средбата, ги утврдиле сите детали кои предвидувале фотографирање на двајцата претседатели само во работните простории на Радев, а не и при ракувањето пред кабинетот, локација каде што македонското знаме го нема.
Објаснувањето од Министерството зошто веднаш не се реагирало, туку тоа се прави откако за случајот се крена врева во домашната јавност, е дека се имало обѕир за ситуацијата зашто само неколку часа претходно се случи авионска несреќа во која загинаа двајца пилоти на бугарското воено воздухопловство.
На прашањето зошто овие проблематични фотографии без македонското знаме ги сподели и кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова, претставникот на МНР нè упати да прашаме во кабинетот.
Сепак, и покрај овој дипломатски инцидент, посетата на делегацијата предводена од шефицата на државата на Софија во МНР се смета за позитивна бидејќи, сепак, се седнало на иста маса и се разговарало за прашања од интерес на двете држави.
На работниот ручек меѓу двете делегации на кој, како што велат од МНР, ги имало знамињата на двете земји, не станало збор за уставните измени, прашање за кое самата Сиљановска-Давкова потврди дека било отворено при разговорот што таа го имала со Радев. Во однос на севкупната ситуација со Бугарија, од министерството со кое сега управува Тимчо Муцунски, кадар на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, велат дека позицијата е дека Северна Македонија ќе разговара, но дека не е подготвена да оди напред под овие услови, мислејќи на договорот од 2022 година со кој, меѓу другото, се предвидува уставни измени за да се отворат преговарачките поглавја.
„Заклучоците на Советот на ЕУ не мора да се променат за да се прифати позицијата на новата влада за уставни измени со одложено дејство“, велат високи претставници на МНР.
Според нив, една од работите на кои ќе се фокусира дипломатијата во наредниот период е да се убедат другите земји членки на ЕУ дека земјава во изминатите 30 години направила многу отстапки и дека сега не е уверена дека и по евентуалните уставни измени кои ги бара Бугарија ќе нема нови отстапки.