Протести низ Израел, се бара оставка од Владата и распишување избори

Илјадници луѓе во Израел повторно протестираа во неколку градови за договорот за заложници, барајќи оставка на владата и распишување нови избори, по завршувањето на последната рунда преговори за договор за прекин на огнот во војната во Газа.

На еден од протестните собири, мајката на заложникот кој го држеше милитантната палестинска организација Хамас го повика раководството на израелскиот безбедносен апарат да го спречи премиерот Бенјамин Нетанјаху да го „торпедира“ договорот, пишува израелскиот весник Хаарец, пренесува ХИНА.

Земјите посредници Катар, Египет и САД се надеваат дека договорот ќе доведе до прекин на огнот, како и ослободување на заложниците кои сè уште се држат во Појасот Газа.

„Дури и ако ова не е совршена зделка, тоа е единствената зделка што постои“, изјавил таткото на еден од заложниците на митингот.

Протести се одржаа во крајбрежната метропола Тел Авив, Хаифа и многу други места низ земјата.

Многу демонстранти го обвинуваат премиерот Нетанјаху дека го саботира договорот и се поклонува на барањата на неговите ултра-религиозни и екстремно десничарски коалициски партнери. Тие се против отстапки за Хамас, а политичкиот опстанок на Нетанјаху зависи од нив.

Демонстрантите повторно побараа оставка на владата и распишување нови избори, во случај Нетанјаху да се соочи со губење на премиерската функција, што би го забрзало гонењето на наводната корупција за која е обвинет.

Во разговорите со посредство на Катар, Египет и САД, во петокот не беше постигнат напредок и тие беа одложени, но и оценети како конструктивни. Индиректните преговори меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во војната во Газа и ослободување на заложниците во замена за ослободување на палестинските затвореници од израелските затвори се одолговлекуваат со месеци.