Протести во Грција поради компаниите кои изнајмуваат лежалки на плажите

Таканареченото „движење пешкир“, односно протестите на локалните жители во Грција кои демонстрираат против рестораните и компаниите кои заземаат простор на плажите со лежалки, се прошири од популарниот туристички остров Парос на другите острови и плажи низ Грција.

Локалните жители уживаат во мирот овде, па не сакаме плажата да ја преземат компании кои се грижат за парите, а не за природата и атмосферата“. Не сакаме плажата да биде окупирана од чадори и огромни, навистина огромни кревети кои немаат врска со едноставноста на островот“, изјави еден од учесниците на движењето Ронит Нешер од Парос.

Плажите во Грција се јавен простор, но се поголем број компании добиваат дозволи за изнајмување лежалки и чадори на нив, кои ги поставуваат покрај дел од плажата.

„Плажите беа толку полни со мебел што многу луѓе кои не сакаа да седат на кревет или на стол немаа друго место за сончање“, рече една од организаторите на движењето, Елени Адријанопулу.

Демонстрантите велат дека цените за две лежалки и чадор честопати достигнуваат 100 евра на ден, и дека во многу случаи бизнисите се шират далеку подалеку од договорената површина на плажата, оставајќи малку простор за оние кои сакаат бесплатно да легнат пешкир и да се сончаат.

„Доаѓаме овде мирно. Само сакаме да ве информираме дека се обидуваме да си го вратиме правото на слободен пристап до нашите плажи“, рече еден од демонстрантите преку разглас додека минуваше низ редовите лежалки на плажата Марсело на Парос, јави Танјуг.