
Протести „Без кралеви“ низ САД
Американците вчера излегоа на улиците низ САД за да протестираат против претседателот Доналд Трамп и неговата администрација, изразувајќи незадоволство поради војната во Иран, острите мерки против миграцијата и она што го доживуваат како сè поизразени авторитарни тенденции, пренесе ДПА.
Американците вчера излегоа на улиците низ САД за да протестираат против претседателот Доналд Трамп и неговата администрација, изразувајќи незадоволство поради војната во Иран, острите мерки против миграцијата и она што го доживуваат како сè поизразени авторитарни тенденции, пренесе ДПА.
Според организаторите, планирани беа повеќе од 3.000 настани „Без кралеви“ (No Kings) во сите 50 сојузни држави, додека демонстранти излегоа и во Европа со барање Трамп да се повлече. Десетици илјади луѓе се проценува дека се приклучија на митингот во Вашингтон во саботата наутро. Демонстрантите предупредуваа на „фашисти во Белата куќа“ и поставија фигура од картон што го прикажува заменик-началникот на кабинетот на Трамп, Стивен Милер, со натпис „Адолф“ околу вратот.
Масовните протести „Без кралеви“ за првпат беа организирани минатата година по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Организаторите, широко движење на групи на граѓанското општество, го обвинуваат Трамп за непочитување на темелните принципи на демократското владеење на правото и за акумулирање моќ што не му прилега на претседател на САД, туку потсетува на авторитарни владетели. Се очекуваше вчерашните протести да привлечат околу 9 милиони луѓе на национално ниво.
Околу 100.000 луѓе се очекуваа на главниот митинг во Сент Пол, Минесота – државата која стана жариште по акцијата на ИЦЕ (Служба за имиграција) во која две лица беа застрелани од федерални агенти. На овој протест беше најавено учество на познати личности како Брус Спрингстин, Џоан Баез, Џејн Фонда и сенаторот Берни Сандерс.
Пред акцијата, портпаролката на Белата куќа ги осуди планираните протести како собири на мала група поддржана од левичарски мрежи, тврдејќи дека немаат широка поддршка кај јавноста.
Протести се одржаа и во Европа. Во Германија, граѓаните излегоа на улиците во Берлин, Хамбург, Минхен и Франкфурт, протестирајќи против акциите на ИЦЕ, антидемократските тенденции и барајќи целосно објавување на досиејата за Епстин.