Протестите во Грција прераснаа во судири

Најжестоко беше во Атина каде лица во качулки фрлаа молотиви коктели и ракети. Полицијата интервенираше со солзавец.

Судири избувнаа во Атина кога стотици илјади луѓе се собраа низ Грција за да побараат правда на втората годишнина од најсмртоносната железничка несреќа во земјата досега, а работниците што штрајкуваа го запреа воздушниот, поморскиот и железничкиот транспорт.

Педесет и седум лица загинаа кога патнички воз полн со студенти се судри со товарен воз на 28 февруари 2023 година, во близина на клисурата Темпи во централна Грција.

Две години подоцна, безбедносните празнини што ја предизвикаа несреќата не се пополнети, покажа вчерашната истрага. Одделна судска истрага останува недовршена и никој не е осуден за несреќата, што го разгорува гневот кај народот.

Речиси 200.000 луѓе излегоа на мирни протести во Атина, но толпата, вклучително и деца и постари лица, беше принудена да се разотиде кога неколку напаѓачи со качулки фрлаа молотови коктели и ракети кон полицијата, што ги натера да одговорат со солзавец и шок-бомби.

Службата за брза помош соопшти дека пет лица биле пренесени во болница, вклучително и фотограф погоден во главата.

„Сѐ беше крајно преполно и многумина од луѓето беа во паника“, рече демонстрантката Софија Јанири. „Се обидовме да ги извлечеме луѓето со деца надвор“.

Во главниот град, многумина беа принудени да пешачат неколку километри за да се приклучат на протестот бидејќи возовите на метрото што се движеа во центарот на градот веќе беа заглавени со патници.

Училиштата, многу продавници, јавни услуги, возови, траекти и повеќето летови беа затворени поради она што се очекува да биде најголемата мобилизација на Грција во поновата историја.

Според семејствата на жртвите, протести и собири се одржувале во над 200 градови и населени места во Грција и други европски земји, како и во градовите ширум светот со големо етничко грчко население, како што се Њујорк и Мелбурн.

Во редок потег, претставниците на правдата одржаа момент молк и едночасовно прекинување пред тоа во спомен на жртвите.

Неколку истакнати уметници се приклучија, затворајќи театри и музички клубови, додека многу сопственици на продавници ставија табли на затворените бизниси на кои пишуваше „бараме правда“.

Анкетите покажуваат дека повеќето Грци веруваат дека властите прикриле витални докази по несреќата, забавувајќи ја истрагата која сè уште е нецелосна.

Над 40 лица се обвинети, вклучително и управителот на локалната станица одговорен за насочување на возовите, но судењето за трагедијата не се очекува пред крајот на годината.

Двата воза патувале еден кон друг по истата пруга со киломтери без да активираат аларми.

Владата ги отфрли обвинувањата на опозициските партии дека стои зад „организираниот план“ за заштита на високи функционери од одговорност.

„Општеството е луто затоа што општеството е доведено во заблуда“, рече владиниот портпарол Павлос Маринакис оваа недела.

„Една од целите на голем дел од опозицијата е да доведе до тензија, до експлозија, преку дезинформации“, рече тој.

Опозициските партии ќе свикаат гласање за недоверба на владата следната недела, покрај парламентарната истрага за тоа дали функционерите пребрзо го уништија местото на катастрофата и, како резултат на тоа, ги уништија виталните докази по судирот.

Премиерот Киријакос Мицотакис, кој ги отфрли повиците за оставка, ги обвини критичарите за обиди за „дестабилизација“ на земјата и „потонување на политичкиот живот во мочуриште“.

Мицотакис долго време беше критикуван дека побрза да ја припише несреќата на човечка грешка само неколку часа по почетокот на официјалната истрага.

Експертскиот извештај, финансиран од семејствата на жртвите, тврди дека товарниот воз превезувал нелегален и непријавен товар со експлозивни хемикалии, што придонесе за високиот број на жртви.

Вчера грчката државна агенција за истрага за воздухопловна и железничка безбедност соопшти дека на местото на настанот има „можно присуство“ на „непознато гориво“.

(Ројтерс/Независен)