Протестираа вработените на УКИМ – бараат повисоки плати!

Мирен протест одржа денеска Сојузот на синдикати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ пред Ректоратот на УКИМ.

Сакаа да го изразат незадоволството од, како што велат, влошената материјална положба на вработените.

Претседателот на Сојузот на синдикати – Ангел Ристов рече дека никогаш во историјата на УКИМ состојбата на вработените на Универзитет не била како денес.

„Долго време бевме трпеливи иимавме разбирање за економската состојба во нашата држава, но на трпението му дојде крај. Ние мора да се избориме за нашите права, за достоинствени плати доколку ние тоа не го направиме никој друг тоа за нас нема да го направи. Ние сме претставници на научната заедница. Ние сме свеста и совеста на ова општество. Ние сме тука за нашите студенти, за нивното образование затоа што тие се иднината на нашата држава“ – рече Ристов.

Според него, Владата се обидува со минимални покачувања да ги задоволи барањата на академска заедница и ненаставниот кадар.

„Целта на овој протест  е да и се укаже на Владата и да се прати порака дека вака веќе не може. Предлозите за минимално покачување на платите најавени од септември за Сојузот на синдикати за УКИМ се неприфатливи. Бараме конечно Владата да прифати дека науката и образованието се од суштинска важност за иднината на државата. Бараме најитно да се потпише нашиот колективен договор за којшто преговараме повеќе од една година за да се врати достоинството на научните работници и вработените на УКИМ. Бараме значително да се подобри нашата материјална положба со системско и систематско покачување – четиригодишно покачување на платите за да дојдеме до достојното ниво на плати во регионот“ – рече Ристов.

Протестот го следеше и истиот го поддржа и ректорот на УКИМ – Никола Јанкуловски. Тој изјава дека тие како Универзитет никогаш не биле за радикални мерки кога се работи за покачување на платата на вработените.

„Јас откако сум на должност ректор сум давал и ќе давам безусловна поддршка на вработените и на наставниот и на ненаставниот кадар на УКИМ и секако дека за ова прашање како што спомна и претседателот на Синдикатот и на Ректорската управа која што е составена од сите декани и директори на институти и Сенатот којшто брои скоро 70 членови редовни професори дадоа поддршка за ова прашање, за прашањето за покачување на платите на вработените. Пуштени се дописи до Владата, до Собранието, до МОН во кое што се укажува на фактот дека платите на вработените на УКИМ се ниски и дека навистина треба да дојде до покачување“ рече ректорот Јанкуловски.

Тој потенцираше дека платата на еден редовен професор на УКИМ изнесува околу 39.000 денари, додека минималната плата на професорите во регионот е 1.500 евра.