Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК) ги повика медиумските работници да се приклучат на денешниот протест во косовската престолнина против намерата на властите да ѝ ја одземат дозволата за работа на телевизијата Клан Косова.
Протестот под мотото „Демократијата умира во мрак“ ќе се одржи на главниот плоштад во центарот на Приштина, со почеток во 12 часот.
– Асоцијацијата на новинари на Косово ги повикува колегите новинари, камермани и фоторепортери, како и припадниците на граѓанското општество, да се приклучат на протестот утре во 12 часот, на плоштадот „Захир Пајазити“, се вели во објавата на АГК.
Министерството за индустрија, претприемништво и трговија (МИНТ) на Косово, пред неколку дена донесе одлука за одземање на дозволата за работа на Клан Косова, со образложение дека во документацијата за регистрација на медиумот стои оти тој е регистриран во градовите Пеќ и Ѓаковица во Косово, но дека во одлуките стои „Косово и Метохија – Србија“, со што, вели МИНТ, е прекршен Уставот на Република Косово.
Против затворањето на приштинската телевизија се огласија речиси сите косовски медиуми и невладиниот сектор, амбасадите на ЕУ, на Квинтата (САД, Франција, Германија, Велика Британија и Италија), Мисијата на ОБСЕ во Приштина, Европската новинарска федерација и други.
Од Клан Косова тврдат дека претензиите на МИНТ се лажни и дека, согласно претходното барање на тоа министерство, ги презеле дејствијата за исправка на наводните грешки. Телевизијата најави жалба пред надлежните судски инстанци.