Протерувањето на хрватскиот дипломат од Србија ќе го дестабилизира регионот, велат од хрватското МНР

Прогласувањето на првиот секретар на амбасадата на Хрватска во Белград за персона нон грата ги влошува односите меѓу двете земји и ја дестабилизира ситуацијата во регионот.

Ова е ставот на хрватското Министерство за надворешни и европски работи по одлуката на српското МНР да го прогласи Хрвоје Шнајдер за непожелен бидејќи, како што соопшти, грубо излегол од рамката на дипломатските норми.

„Целосно ја отфрламе основата за протерување на акредитираниот хрватски дипломат. Споменатата одлука на Република Србија претставува чекор кон влошување на меѓусебните односи, како и натамошна дестабилизација на чувствителните регионални политички и безбедносни услови во време кога стабилноста во Југоисточна Европа е од исклучително значење за цела Европа“ – се наведува во соопштението на хрватското Министерство.

Оттаму изразија и жалење што „очекуваната ескалација на односите од страна на Србија во овој момент беше реализирана со драстичната одлука за протерување на дипломатот“.
Дополнително нагласија дека Хрватска го задржува правото да одговори на овој потег во моментот и на начинот на кој ќе избере.

Во вчерашното соопштение на српското МНР во врска со одлуката за протерување на хрватскиот дипломат не е прецизирано како тој ги прекршил дипломатските норми.