„Простување“- нов роман на македонската романсиерка Кица Колбе

Деновиве од печат излезе романот „Простување“ од македонската романсиерка Кица Колбе. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје.

Деновиве од печат излезе романот „Простување“ од македонската романсиерка Кица Колбе. Романот е објавен во едицијата ПРОаЗА на издавачката куќа Или-Или од Скопје.

Како што посочуваат од издавачката куќа, акцентот во романот е ставен на приказната за помирувањето и простувањето во балканскиот историски контекст. Интенцијата на авторката е преку приказните на носечките ликови, научници, од две балкански земји, да покаже дека помирувањето и простувањето е можно и на Балканот, ако не меѓу народите барем меѓу потомците на жртвите и на прогонителите. Приказната покажува дека и потомците на „прогонетите“ и потомците на „прогонителите“ остануваат и самите жртви на минатото сѐ додека не се одлучат да простат и да се помират. Како и сите претходни романи на Колбе и „Простување“ се одликува со универзални хуманистички вредности и со мошне оригинален стил и израз, проникнат со суптилен лиризам.

Кица Колбе (1951) студирала  филозофија  на универзитетите во Скопје и Белград. Магистрирала на естетиката на Теодор В. Адорно, а докторирала  на германската естетика од 18-от век. Неколку години работела на Катедрата за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Од 1990-тата се посветува целосно на прозата, особено на романот. Нејзини дела се: Егејци (Култура, Скопје, 1990), Снегот во Казабланка, (Три, Скопје,  2005  Магор, Скопје, 2007), Жените Гаврилови (Табернакул, Скопје 2008, Или-Или, 2021), Река  во наследство, Ein Fluss als Erbe, (Скопје и Лангенфелд, 2009), Витезот и Византијката (Или-Или, 2020), Земја на бегалци (Или-Или, Скопје, 2018, 2023).

„Снегот во Казабланка“ е добитник на наградата Роман на годината 2006, а „Жените Гаврилови“ во 2009 година номиниран за наградата Балканика.

Кица Колбе последниве години е редовна колумнистка во Дојче Веле.