Просветните работници останаа без колективен договор. СОНК не успеал на време да го потпише бидејќи нема репрезентативност. Претседателот на Синдикатот обвинува дека Министерството за труд и социјала, Организацијата на работодавачи и Сојузот на Синдикати намерно ја опструирале Комисијата која одлучува за ова прашање и со тоа ги оставиле просветните работници без колективен договор.
-Еве ги колку се седници се оддржани, колку се одложени. Неколку седници се одржани по нарачка, тоа е, ако не се лажам, за добивање на репрезентативност на ССМ и на ОРМ. Да, за нивните се состанале, меѓутоа за потребите на Конфедерацијата не се одржувале. Односно, се закажале, а не се одржувале, вели Неделков.
Крајниот рок за ставање потпис на колективниот договор беше денот на распишување на изборите. Сега техничката влада не смее да потпишува колективни договори. Но поголем проблем е што СОНК и натаму ќе остане без репрезентативност бидејќи и ова прашање е блокирано со техничката влада. Техничкиот министер за труд во телефонски разговор за Сител вели дека СОНК ќе мора да чека да завршат изборите па дури потоа да се состане Комисијата.
Освен што останаа без колективен договор, Неделков обвинува дека и просветни инспектори вршеле упад во синдикалното организирање за да се намали бројот на членови на СОНК.
-Се прават упади, се носат записници и заклучоци на кои им се наредува на директорите да не одбиваат синдикална чланарина без секој месец членот на синдикатот да се изјасни за тоа дека се согласува да му се одземаат средства за синдикално организирање. Ова е упад во синдикалното организирање и жестоко ќе дејствуваме за ваквото постапување.
- Со колективниот договор просветните работници требаше да добијат усогласување со минималната плата за последните неколку години, што во пракса би значело зголемување на платата помеѓу 20 и 25%. Сега ќе мораат да чекаат да завршат изборите за СОНК да добие репрезентативност и да стави потпис на колективниот.