Неколку илјади пропалестински демонстранти се собраа вчера во близина на Белата куќа во Вашингтон за да изразат незадоволство од однесувањето на претседателот Џозеф Бајден и неговата политика, која ја опишуваат како премногу помирлива кон Израел во војната против палестинското движење Хамас во Појасот Газа.
Извикувајќи го слоганот „Од Вашингтон до Палестина, ние сме црвената линија“, демонстрантите држеа долг транспарент со имињата на Палестинците убиени од израелската армија за време на осуммесечниот конфликт.
Американскиот претседател е под жестоки критики во САД од оние кои веруваат дека тој нема доволно влијание врз израелската влада и начинот на кој таа влада ја спроведува офанзивата во Газа.
Бајден изрази безусловна поддршка за Израел од почетокот на војната во Газа, но во март оцени дека големата офанзива во Рафа е „црвена линија“ која не треба да се премине.
Сепак, по смртоносниот напад во мај на тој град на југот на Појасот Газа, Белата куќа оцени дека „црвената линија“ не е помината.
Демонстрантите, главно облечени во црвена облека, алудирајќи на „црвената линија“, носеа палестински знамиња и знаци на кои пишуваше „Црвената линија на Бајден беше лага“ и „Бомбардирањето деца не е самоодбрана“.