Пропадна конкурсот за избор на директор на Зоолошката градина во Скопје, Галетановски вели: Ќе се пријавам и на следниот конкурс за директор!

Управниот одбор на Зоолошката градина останал само со еден член, па затоа нема кој да му ја разгледа апликацијата на единствениот кандидат за директор што се пријавил на јавниот конкурс – поранешниот директор Ѓорги Галетановски.

Сега ќе се чека избор на нови членови на Управниот одбор, па потоа ќе се распише нов конкурс за директор на Зоолошката градина.

Од тројца членови на Управниот одбор кој функционирал досега, двајца веќе не се во него – зашто отишле да бидат директори во други јавни претпријатија.

Галетановски, на 13 август годинава поднесе документи, сакајќи да даде свој придонес во подобрувањето на состојбите во Зоолошката градина, за таа да се врати во полн сјај и јавно побара шанса од градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Тој во изјава за „Слободен печат“ вели дека нефункционирањето на Управниот одбор нема да го обесхрабри и ќе се пријави и на следниот конкурс за директор на Зоолошката.

– Како што слушнав на прес-конференција, градоначалничката рече дека чекала одлука од Управниот одбор на Зоолошката. Немало кворум, бидејќи ги поставила за директори. Мислам дека законски може да го поништи конкурсот и да распише нов, а може и да побара моите документи да ѝ ги однесат и таа да ги разгледа. Како и да е, чудно е Зоолошката да работи без Управен одбор, кога треба да се носат одлуки за тендери и функционирање. Ќе се пријавам и на следниот конкурс за директор – вели Галетановски.

Инаку тој презентираше и негова програма за тоа како планира да ја возобнови Зоолошката градина.

Во неа тој става фокус на враќање во Европската асоцијација на зоолошки и аквариуми (EAZA), со неколку клучни точки меѓу кои дијагностика на моменталната состојба, анализа на инфраструктурата во Зоолошката, проценка на квалитетот на објектите, безбедноста и удобноста на животните.