Пронајдено е безживотното тело на Нарин Гуран (8), која исчезна пред 19 дена во Турција, соопшти министерот за внатрешни работи на земјата.
„Екипите на жандармеријата стигнаа до безживотното тело на нашата Нарин. Нека почива во мир. Наше сочувство“, изјави Али Јерликаја.
Наведено е дека безживотното тело на Нарин било пронајдено во потокот Ертутмаз, во близина на селото во кое живеела.
Забранет е влез и излез од селото, а телото на девојчето е пренесено на обдукција.
Пред два дена, откако добиле дојава, екипи на жандармеријата го пребарале овој поток, но не нашле никаква трага.
Нарин исчезна на 21 август годинава во областа Баглар во Дијарбакир, кога беше започната голема потрага.
Во рамките на истрагата, вујкото на Нарин беше претходно уапсен и осомничен за убиство со умисла, но семејството не верува дека нивниот роднина е виновен.
Откако Нарин Гуран беше пријавена за исчезната, започна копнена и воздушна потрага во регионот. Како дел од истрагата, површина од 11.000 квадратни метри беше скенирана од 2.000 луѓе од земја и два хеликоптери и 48 дронови од воздух.
Исто така, 24 нуркачи пребарале пет потоци, три езерца, 18 бунари и 24 километри водени канали.
Во рамките на претресот користени се и подземни уреди за снимање.