
Промоција на „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“ од Златко Крамариќ
- Станува збор за книга што проблематизира актуелни идентитетски прашања. Во изданието што е исклучително значаен влог за македонистиката и треба да го има во секој македонски дом, посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер, зборникот на браќата Миладиновци и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон новите идентитети, велат од „Матица македонска“.
Познатиот хрватски научник и универзитетски професор, македонистот Златко Крамариќ, ќе гостува на манифестацијата „Книга во секој дом“ во „Матица македонска“, со промоција на неговата најнова книга во превод на македонски јазик „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“.
– Станува збор за книга што проблематизира актуелни идентитетски прашања. Во изданието што е исклучително значаен влог за македонистиката и треба да го има во секој македонски дом, посебен акцент е ставен и на улогата на Штросмаер, зборникот на браќата Миладиновци и македонскиот идентитет, на модернизмот во мрачните времиња, на создавањето на македонската интелигенција и на новите политики кон новите идентитети, велат од „Матица македонска“.
Промоцијата на книгата е закажана во 19 часот, во книжарницата на „Матица македонска“ на Булеварот на книгите „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Промоторка на изданието ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а присутните ќе имаат можност да проследат разговор со Крамариќ, но и да разговараат со него и да добијат посвета на книгата од овој исклучителен познавач на балкансите состојби.
Инаку, воведниот текст во книгата, „Писмо до буарскиот пријател“ е и своевидна реакција на Крамариќ на тоа што некој во него, како можен иден амбасадор на Република Хрватска во Република Бугарија, сакал да препознае непријател, затоа што во него видел проекција на сопствените стравови од „другиот“, поради македонистичките ставови на познатот хрватски научник, книжевен критичар и врвен теоретичар на книжевноста, којшто е и долгогодишен дипломат. Авторот, меѓу другото ја нагласува смислата за добрососедството и заемната почит меѓу државите, посочувајќи дека „еден од битните детали во тие визии на идните посакувани односи во Европа е и односот спрема соседите. Можеби токму тој детаљ и е еден од најважните. Има ли нешто поубаво отколку да се живее крај среќен и задоволен сосед. Неговата среќа и задоволство и нас би требало да нѐ прави среќни“.
Гостувањето на Крамариќ со промоција на „Културата и траумата: Писмо до бугарскиот пријател“ е само еден од низата настани предвидени со програмата на ова издание на „Книга во секој дом“ на „Матица македонска“ што почнува денеска, на денот кога Македонија чествува 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик.