Промоција на краткиот анимиран филм и на сликовницата „Желба“

Во просториите на Кинотеката денеска ќе се одржи промоцијата на краткиот анимиран филм и на сликовницата „Желба“.

Во просториите на Кинотеката во Скопје денеска ќе се одржи промоцијата на краткиот анимиран филм и на сликовницата „Желба“.

„Желба“ ќе го промовираат Маја Цветаноска, психолог со долгогодишна пракса на вклучувањето на различните деца во главните општествени тековии и Владимир Мартиновски, поет, мултимедијален уметник и декан на Филолошкиот факултет при УКИМ.

Од Центарот за попреченост ПРКОС информираат дека „Желба“ е во два формата и ја следи животната патека на едно момче во количка кое посакува да летне во вселената.

-И кое кога една вечер ќе види ѕвезда што паѓа си замислува желба да стане астронаут. Дали желбата ќе му се исполни, ќе дознаете откако ќе го изгледате краткиот анимиран филм и/ли ќе ја прочитате илустрираната книга за мали и големи. „Желба“ е приказна за мечтите, соништата, (над)реалноста, возвишеноста, (при)земноста, истрајноста, науката, волјата, ѕвездите, копнежите, надежите, стремежите…, соопштуваат од ПРКОС.

Сценариото и текстот на „Желба“ се на Ирена Поповска, а анимацијата и илустрациите се на Верица Тенекеџиева, дипломиран аниматор и ова е нејзин прв самостоен анимиран филм. На Ирена Поповска, „Желба“ ѝ е втора сликовница со специфична тематика.