Промоција на книгата „Гевгелија порта кон Европа“ од Кире Јанишлиев

Во Гевгелија, вечер, ќе биде промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на Кире Јанишлиев, издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во весникот „Нова Македонија“, соопштија од Општината.

Во Гевгелија, вечер, ќе биде промовирана книгата „Гевгелија порта кон Европа“ на Кире Јанишлиев, издание во коешто се опфатени новинарски статии за неговата родна Гевгелија, а објавени во весникот „Нова Македонија“, соопштија од Општината.

Модератор на промоцијата е Сара Јанишлиева, а обраќања ќе имаат Тони Аврамов и Бобан Хусеновски, додека интерпретацијата на текстовите е на Петар Јанчев. На промоцијата со музички изведби ќе се претстават ученици од ООМУ „Васо Карајанов“од Гевгелија.

Кире Јанишлиев (1951) е роден во Гевгелија, каде завршува основно и средно образование. Во 1975 година, дипломира на Факултетот за политички науки – група Новинарство, на Универзитетот во Белград. Својот работен век го остварува како новинар во Радио „Гевгелија“ и „Нова Македонија“ и административен службеник во Општина Гевгелија. Добитник е на наградата „Крсте Мисирков“, највисоко државно признание во новинарството што го доделува ЗНМ за најуспешни новинарски трудови во печатот (1977), како и наградата „Нова Македонија“ за едногодишна новинарска дејност (1988). Јанишлиев е основач и уредник на првиот независен весник во Гевгелија „Гевгелиска јавност“ (1994-1996), уредник на весникот „ЗИК Винојуг“ (1975-1978), како и повеќегодишен уредник на месечникот „Гевгелија инфо“ (2004), којшто подоцна се преименува во „Гевгелиски магазин“ во издание на Општина Гевгелија. Исто така, автор или уредник е на првата монографија „Гевгелија“, монографијата „Гевгелија 130 години град“, монографијата „Општина Гевгелија 2009“ и „Флора и фауна во Општините Гевгелија и Разлог“ во издание на Општина Гевгелија.

Издавањето на книгата „Гевгелија порта кон Европа“ е финансиски поддржано од Општина Гевгелија преку Програмата за програми и проекти од областа на културата за 2025 година, а промоцијата е дел од априлската програма за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.