Промовиран прирачник за безбедност на новинарите
Безбедноста на новинарите од секаков аспект е основен услов за слободен и независен новинарски сектор. Во последните години, бројот на пријавени напади врз новинари е значително висок. Сепак, измените во Кривичниот законик дадоа нова позиција на новинарите и на нивната заштита, а тоа се одрази и во самата пракса во постапување на институциите.
Безбедноста на новинарите од секаков аспект е основен услов за слободен и независен новинарски сектор. Во последните години, бројот на пријавени напади врз новинари е значително висок. Сепак, измените во Кривичниот законик дадоа нова позиција на новинарите и на нивната заштита, а тоа се одрази и во самата пракса во постапување на институциите, беше посочено денеска за време на промоцијата на прирачникот за безбедност на новинарите што се одржа во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), во соработка со Јавното обвинителство и Министерство за внатрешни работи.
Претседателот на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски во своето обраќање посочи дека е невозможно да има функционални и демократски процеси во кое било општество, без право на слобода на изразување.
-Нашата професија која ја носи вистиноста и транспарентноста се почесто се соочува со сериозни предизвици, не само во однос на физичката безбедност во однос на новинарите, туку и во однос на притисоците и нападите врз слободата на говорот. Безбедноста на новинарите од секаков аспект е основен услов за слободен и независен новинарски сектор. Нашата задача не е само да информираме, туку да го штитиме правото на јавноста да добива точни и навремени информации. Затоа е неопходно да се обезбеди средина во која новинарите ќе можат да работат слободно и безбедно, рече Чадиковски.
Тој информираше дека во последните години бројот на пријавени напади врз новинари е значително висок. Како што посочи, во 2021 година имало девет напади или тужби за новинари, во 2022 година имало 11, во 2023 година имало исто така 11, а до сега во оваа година регистрирани се осум напади.
-Се менува новинарството, се менуваат и формите на насилство. Денес нападите врз новинарите не мора да значат само физичко насилство. Вербалните закани и малтретирања преку онлајн платформи се проблем. Жените новинарки се особено изложени на родово заснован говор на омраза и мизогинија, што дополнително го отежнува нивното работење, додаде Чадиковски.
Новинарите, како што посочи, се почесто се соочуваат и со правно насилство.
-Неоснованите тужби од политички или економски моќници се закана за слободата. Додека ние дебатираме, колегата Секуловски и нашите адвокати се во судот на судски процес против двајца наши колеги. Економското насилство е уште еден голем предизвик. Несигурните услови за работа и ниските примања создаваат атмосфера на страв и самоцензура, додаде Чадиковски.
Јавниот обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје, Елвин Вели во обраќањето денеска посочи дека прирачникот е од помош не само за новинарите, туку и за органите кои би постапувале по такви предмети.
-Ангажманот на Јавното обвинителство и на МВР, во соработка со ЗНМ, во оваа насока е континуирана. Во четири јавни обвинителства во државата се назначени посебни јавни обвинители, кои ги следат предметите поврзани со безбедноста на новинарите. Сите вклучени институции се координираат и во однос на статистиката за ваквите напади и во однос на дејствијата кои се преземаат. Тоа и во пракса дава резултати. Сторителите на напади на новинарите побрзо се идентификуваат и соодветно се санкционираат, додаде Вели.
Заменик амбасадорката на Холандската амбасада, Манон Јансен потенцираше дека луѓето живеат како посреќен, така и побезбеден живот во општества во кои има поправедни институции и потранспарентно известување.
-Новинарството е јавно добро. Новинарите имаат право да работат во средина во која што не стравуваат за својата безбедност. Само тогаш можеме да имаме општество каде што владее правото, а новинарите функционираат без страв за својата безбедност или од одмаздување. Прирачникот е практична алатка во која можеме да видиме како да се справиме ризиците, со кои новинарите секојдневно се соочуваат. Прирачникот е начин на кој може да се запознаете како да се одржи безбедноста на новинарите, рече Јансен во своето обраќање.
Ко-автор на прирачникот, Билјана Арсовска, посочи дека измените во Кривичниот законик дадоа нова позиција на новинарите и на нивната заштита.
-Измените на Кривичниот законик беа усвоени од Собранието на 13 февруари 2023 година. Со нив беше поведен квалификаторен обид за одредени кривични дела сторени против новинари во извршување на нивната службена должност и за таквите дела беа предвидени повисоки казни. Пред, се за кривичните дела спречување службено лице во вршење службено дејствие, загрозување на сигурност и присилба. Службеното својство на новинарот директно беше одразено во ситуации кога тој ја извршува својата професионална задача. Новинарот за да биде заштитен во овој квалификаторен обид за вршење на кривичните дела, мора да бидеме сигурни дека тој во моментот извршувал професионални задачи, рече Арсовска во своето обраќање.
Таа напомена дека во прирачникот се опфатени и другите облици на загрозување на безбедноста на новинарите, од ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, до загрозување на сигурноста.
-Задоволна сум што тоа се одрази и во самата пракса во постапување на институциите. Имаме правосилни пресуди за сторени кривични дела токму од ваков квалификаторен облик, и во најголем дел од случаи, ваквите предмети завршуваат со признание на вина, додаде Арсовска.
Ко-автор на прирачникот Тони Ангеловски рече дека овој прирачник многу ќе помогне и на новинарите и на институциите.
-Со гордост можам да кажам дека сме на 36. место на листата на „Репортери без граници“. Не само што сме најдобри на Западен Балкан, туку сме многу подобри од земји од ЕУ. Тоа не значи дека треба да запреме, туку да продолжиме да работиме континуирано, рече Ангеловски.
Прирачникот е изработен во рамки на регионалниот проект меѓу БиХ, Северна Македонија и Србија, во соработка со Хелсиншкиот комитет на Холандија.