
Промовиран водич за декарбонизација преку инвестиции во проекти за енергетска ефикасност
Министерството за енергетика, посочи министерката Сања Божиновска, ја поддржува иницијативата на Стопанската комора и Европската инвестициска банка за промоција на платформата и Водичот за декарбонизација.
Македонските компании треба да преминат кон поодржливо и нискојаглеродно работење со цел намалување на јаглеродниот отпечаток и постигнување на јаглеродна неутралност. Со оглед дека од 01.01.2026 година ЕУ стартува правилото „загадувачот плаќа“ за производи од трети земји, вклучувајќи ги и оние од Северна Македонија, согласно нивото на јаглероден отпечаток при нивното производство, Стопанската комора и Европската инвестициска банка, заедно со ЕУ и Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси, промовираа нов онлајн Водич за декарбонизација, наменет за малите и средни претпријатија во земјава, како практична алатка за подобрување на нивното знаење за потребниот капитал за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија (ОИЕ).
Министерството за енергетика, посочи министерката Сања Божиновска, ја поддржува иницијативата на Стопанската комора и Европската инвестициска банка за промоција на платформата и Водичот за декарбонизација. Божиновска, нагласи дека се уште не се знае што точно ќе значат промените од 01.01. 2026 година и најави дека за таа цел, следната недела во земјава доаѓа претседателот на Европската енергетска заедница Атрур Лорковски, со кого ќе имаат состанок на оваа тема.
-Ни беше укажано дека ќе се земе миксот на Македонија како држава. Тоа значи дека ние минатата година 40% имаме производство на електрична енергија од обновливи извори, и дека ќе биде тој микс. Нема да се гледа поединечно, туку за државата како една целина. Тоа беше кажано минатиот пат, меѓутоа нема ништо дефинитивно. Точни информации и податоци нема, ќе разговараме и со Министерството за европски прашања, бидејќи тие комуницираат со Брисел и следната недела се надевам ќе имаме повеќе детали, изјави Божиновска.
Прашана дали со таксата од 01.01.2026 година ќе бидат опфатени сите производи што се извезуваат од земјава или само од два сектори – челик и цемент, Божиновска рече дека би требало да бидат само овие два сектори, но нагласи дека треба да има транзициски период и спојување на пазарите и изземање, на што, како што појасни Божиновска, веќе работиме со Грција. -Тука ЕУ сама ги помести малку термините. Тоа ќе биде тема на дискусија, на 18 декември ќе имаме состанок, меѓутоа до тогаш ќе мора да ги дознаеме сите информации, изјави Божиновска.
Божиновска, посочи дека како Министерство, тие ја прават легислативата, меѓутоа не може сами, и дека имаат и помош од Европската инвестициска банка и поддршка од ЕУ за компаниите малку повеќе да се запознаат, бидејќи има и многу бенефиции.
-Секако тука има поддршка и од ЕУ. Тоа значи дека сме на добар пат бидејќи ги пренесоа сите искуства од ЕУ и ова е многу важно бидејќи нашиот дел за зелена транзиција, и ние сме дел од Праведната транзиција до 2030 година, значи ова само ќе потпомогне за бизнисите. На праведната транзиција, ние ги собравме сите финансиски институции, како што е Блумберг, Француската развојна банка, Италијанската развојна банка, кои ќе помогнат на македонските мали и средни компании. Се надевам тука ќе се организираат и обуки и ова ќе допре и до помалите и средните фирми. Ние ќе дискутираме до крајот на годината да се направат некои обуки и да се искористат практиките од ЕУ, што ќе им помогне на нашите компании, изјави Божиновска.
Претставникот на Европската инвестициска банка во Република Северна Македонија, Бјорн Габриел, посочи дека последните анкети покажуваат дека околу 40 проценти од македонските компании се уште имаат недостиг од знаење за зелената економија и придобивките од неа.
-Сепак, свесноста расте и 27 проценти од македонските компании препознаваат дека зелените инвестиции може да ги направат покомпетитивни и околу 30 отсто согледуваат дека може да имаат раст во приходите. Ова покажува дека бизнис перспективата е јасна, зелените транзиции може да донесат раст. Инвестициите во зелената транзиција го модернизираат работењето, ја зголемуваат продуктивноста, ги намалуваат трошоците и помагаат за градење нови синџири за извоз, нагласи Габриел.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев, нагласи дека комората ги прати трендовите и сето она што мора да се направи како промена и реформи и во нашето стопанство.
-Не постои елегантен начин и брза транзиција кон декарбонизација како генерален проблем, но комората е тука да проба на своите членки да им овозможи директен пристап до информациите кои ќе можат да придонесат компаниите полека да влегуваат во тој процес, изјави Пешев.
Обврските се обврски, нагласи Пешев, и во принцип ако компаниите имаат проблем, ќе разговараме на темата колку е тоа одложување што им е потребно за да го фатат приклучокот, меѓутоа откажување од тој процес не може да се направи, затоа што и како држава сме презеле обврски кои мора да ги исполниме.
-Колку и да чини, тоа ќе мора да биде составен дел на иднината на тие компании. За жал, ако се направени трошоци да разговараме со Владата за поволни кредити, за начин како тоа да се направи за таа позиција да биде полесна, изјави Пешев.
Стопанската комора и Европската инвестициска банка денеска промовираа нов онлајн Водич за декарбонизација, наменет за малите и средни претпријатија (МСП) во земјава, како практична алатка за поддршка на нивниот премин кон поодржливо и нискојаглеродно работење.