Промовирано петтомното издание „Бигорска хроника – архијерејско петлетие“

Во познатото древно светилиште Бигорскиот манастир беше промовирано најново книжевно петтомно издание „Бигорска хроника - архијерејско петлетие“.

Во познатото древно светилиште Бигорскиот манастир беше промовирано најново книжевно петтомно издание „Бигорска хроника – архијерејско петлетие“.

– Ова монументално дело, издадено во пет тома, претставува духовен летопис и сведоштво за најзначајните настани од животот на нашата Света Обител во последните пет години од архијерејското служење на нашиот возљубен старец и владика, г. Партениј. Ова дело претставува благодарствен дар на Братството за својот духовен родител и воедно возобновител на монаштвото, преосветениот епископ Антаниски г. Партениј, по повод трите значајни јубилеи што ги одбележуваме оваа година: 55 години од неговото раѓање, 30 години монаштво и 5 години архиjерејско служење, рече архимандритот Кирил, уредник на изданието.

Промоторот на делото, универзитетскиот професор д-р Александар Спасеновски, меѓу другото, истакна дека „оваа хроника не е обично сведоштво на минливи настани, туку духовна повест за преобразувањето на душите на луѓето преку љубовта Христова, што се излева во делото и подвигот на владиката Партениј“.

– Во еден свет кој често ја губи врската меѓу духовното и културното, Бигорски сведочи и дека вистинската култура произлегува од верата, а вистинската вера секогаш создава култура. Во последниве години, обителта не е само место на молитва, туку и извор на духовна уметност, културна креативност и општествено добротворство. Од страниците на хрониката дознаваме за десетици настани што го сведочат овој холистички пристап. Концерти на духовна музика, изложби, промоции на книги, уметнички колонии, кампови за деца, предавања. Тоа се вистински духовни продолженија на молитвата, рече Спасеновски.

Тој посочи дека „владиката Партениј одамна ја надминал границата на традиционалното сфаќање за монаштвото и со својот пристап секојдневно покажува дека црквата може да биде современа, без да биде површна, дека може да зборува со јазикот на културата, без да ја изгуби својата духовна длабочина, дека може да ги допре срцата на младите, без да се откаже од вистината на Евангелието и во тоа се состои неговата визија“.

– Петтомното издание на „Бигорската хроника – архијерејско петлетие“ е исповед на едно време, на една заедница и на една вера. Петте тома, собрани во едно, се како пет свеќи запалени во темнината на современиот свет. Секоја со своја светлина, но сите со еден извор. Но, ова важно дело не е завршен труд. Тоа е отворена книга на една жива историја што продолжува да испишува светли страници. Зошто, како што во Црквата нема последна литургија, така и ова дело не завршува со петтиот том. Напротив. Сега само заокружуваме едно поглавје за веднаш да се отвори следното и, верувам, уште поплодоносно. Секоја генерација ќе чита различно. Но, суштината ќе остане иста, нагласи Спасеновски.

И затоа, додаде, „ова дело треба да се доживее и како потврда за нечија посветеност, но и како повик, како потврда за големото национално дело на владиката Партениј за народот, за црквата и за државата, потврда за тоа како едно манастирско братство и сестринство, со молитва и љубов, може да направи повеќе за единството на Црквата и за угледот на државата отколку многу институции заедно“.

– Професорот Александар кажа многу и големи нешта. Јас, пак, можам само да му заблагодарам на Сесветиот Бог што нè удостои да ги доживееме чудесните пројави на Неговата милост. Она што некогаш само го посакувавме, па и го сонувавме, да се обнови општежителното монаштво во нашата Татковина, денес е реалност. Верувајте, тоа беше моја длабока желба отсекогаш, но никогаш не сум посакувал да бидам јас оној кој ќе основа манастир, ниту пак да бидам игумен или старец. Тоа беше нешто што навистина не го замислував за себе, рече владиката Партениј во беседата на благодарност.

На промоцијата присуствувале и амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, протоѓакон проф. д-р Ратомир Гроздановски, од Богословскиот факултет во Скопје, јеромонахот Лука од светогорскиот манастир Ксенофонт, свештеници, професори, луѓе на пишаниот збор, општествени дејци и верници.