
Промовирана книгата „Ништо случајно“ на Нина Ангеловска Станков, приказна за подготвеноста да се препознаат и прифатат можностите
- Многу често велиме дека ништо не е случајно. Верувам дека кај мене беше токму така. Работите доаѓаа навидум случајно, но всушност доаѓаа затоа што бев подготвена да ги препознаам. Затоа што работев за нив, креирав околина за тие можности да се појават и имав храброст да кажам „да“, дури и кога не знаев каде ќе ме однесе тоа „да“. Токму затоа оваа книга е приказна за подготвеноста, за изборите и за моментите што ни го менуваат животот - истакна авторката.
Приказна за животен пат кој не бил однапред испланиран, но бил обликуван од подготвеноста да се препознаат и прифатат можностите, вака ја опиша својата прва книга „Ништо случајно“ на синоќешната промоција авторката Нина Ангеловска Станков.

– Многу често велиме дека ништо не е случајно. Верувам дека кај мене беше токму така. Работите доаѓаа навидум случајно, но всушност доаѓаа затоа што бев подготвена да ги препознаам. Затоа што работев за нив, креирав околина за тие можности да се појават и имав храброст да кажам „да“, дури и кога не знаев каде ќе ме однесе тоа „да“. Токму затоа оваа книга е приказна за подготвеноста, за изборите и за моментите што ни го менуваат животот – истакна авторката.
Книгата ја издаде Издавачкиот центар ТРИ, а нејзиниот директор Бојан Саздов на промоцијата истакна дека „Ништо случајно“ уште пред официјалното излегување бележеше рекордни резултати во претпродажба и претставува еден од најуспешните издавачки проекти на Издавачкиот центар во последните години.
„Ништо случајно“ е искрена и лична приказна која ги следи клучните поглавја од животот и кариерата на Ангеловска Станков – од детството и вредностите со кои израснала, преку основањето и развојот на Grouper, искуството како претприемач и лидер, периодот како министерка за финансии, па сè до животните лекции што ги донеле љубовта, семејството и мајчинството. За својот успех и влијание добила бројни признанија, меѓу кои 30 под 30 на Форбс…

Низ пет тематски целини, книгата носи приказни за предизвиците, сомнежите, успесите и одлуките кои стојат зад јавните наслови и професионалните достигнувања. Нејзината централна порака е дека успехот не е резултат на случајност, туку на подготвеност, континуирано учење, истрајност и храброст да се прифатат можностите кога ќе се појават.

На промоцијата на книгата присуствуваа бројни соработници, претставници на бизнис-заедницата и општествени чинители.
Од денес, книгата „Ништо случајно“ е достапна во сите книжарници на ТРИ, во останатите книжарници низ Македонија и онлајн на kniga.mk.