Продолжува штрајкот во училиштата и градинките

И денеска, втор ден по ред во основните и средните училишта и во градинките во земјава продолжи штрајкот на вработените кој почна вчера организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. За да се најде решение, најавена е нова средба меѓу синдикатот и владини претставници која веројатно ќе се одржи денеска или утре.

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика соопштија дека социјалниот дијалог ќе продолжи, а синдикалниот лидер Јаким Неделков порача дека тој треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“.

Неделков вчера соопшти дека освен во градинки во некои општини, меѓу кои Карпош, Центар, Валандово, Гевгелија, вклученоста во штрајкот била масовна и со учество на 25 илјади вработени во училиштата и градинките.  Мал бил бројот на ученици кои дошле на настава, а релативно мал бројот на деца донесени во градинките каде што, како што рече, имало и посериозни притисоци да се прекине штрајкот.

Некаде се  инсистирало времето на штрајкување да биде 8 часа, но, рече Неделков, вработените треба да бидат онолку колку што им се смените во училиштата.

„Пресреќни сме што немало никаков инцидент, ниту некое дете  било оставено пред врата. Најважно е што е пратена пораката до надлежните која е многу јасна – огромно е незадоволството во градинките, основните и средните училишта кои имаат проблем со нивниот социјален статус. Расположени сме тежината на нашите аргументи уште еднаш да ги претставиме пред надлежните и да ги убедиме дека ова што го бараме е издржано и да најдеме заедничко решение“ – рече Неделков.

Министерот за образование, Јетон Шаќири рече дека законите за основно и за средно образование не дозволуваат прекин на наставата освен во вонредни ситуации и дека со одлуката за штрајк, се доаѓа во ситуација да се надоместат деновите од учебната година бидејќи веќе беше одложен почетокот на второто полугодие поради состојбата со КОВИД-19.

„Владата е за тоа просветните работници да земаат поголеми плати и тоа го имаме докажано: во 2018  пет проценти повеќе, во 2019 пет проценти повеќе, 2020 десет проценти повеќе. Ако ги собереме кумулативно, тоа се 21 процент. Во 2020 почна пандемијата, здравствената криза продолжи и со економска, но пак кажуваме дека ќе работиме на решавање на проблемите за наставниците да имаат повисоки плати“ вели тој.

И министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска вчера нагласи дека социјалниот дијалог продолжува и вети дека деновиве, заедно со претставниците на СОНК, ќе најдат решение коешто нема да биде на штета ниту на кадарот во градинките, ниту на родителите.