Како што информираат грчките надлежни служби, потрагата по нашиот исчезнат државјанин во Грција – Мартин Јовановски продолжува и денеска, шести ден.
Како и досега во потрагата ќе бидат вклучени неколку брода на грчката крајбрежна стража, хеликоптер, како и возило на копно и волонтери од локалното население.
„Нашите претставништва остануваат во постојан контакт со надлежните институции на Грција и семејството на исчезнатото момче, и секоја нова информација навремено ќе биде пренесена“ – информираа од Министерството за надворешни работи.
Вчера, петти ден потрагата по Јовановски беше со намален интензитет.
Во објава на социјалните мрежи, неговиот другар Иван, кој по 20 часа успеа да се спаси од водите на Егејското море апелираше за помош на семејството.
Тој реши да отвори донаторска сметка за собирање средства за потрагата по Мартин. Во потрагата во претходните денови беа вклучени неколку пловила, хеликоптер, но и подводен дрон.
„Јас, Иван второпронајдениот од тројцата изчезнати во Грција, во име на семејството на Мартин кои се во активна потрага, отворив наменска донаторска сметка за собирање на средства. Доколку сте во можност, би ве замолил за ваша донација за што побргу да ја завршиме оваа потрага и да им го олесниме товарот на неговата фамилијата“ напиша тоj.