Продолжува пленарната расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024 година
Во Собранието денеска во рамки на 135. седница треба да продолжи расправата по Дополнетиот предлог буџет за 2024 година.
На првиот ден од расправата, што почна во петокот, министерот за финансии Фатмир Бесими истакна дека предложениот буџет ќе обезбеди одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, таргетирана поддршка за ранливите категории граѓани и стопанството.
За пратениците од опозицијата, пак, буџетот е неприфатлив бидејќи, како што велат, е со највисок износ досега, базиран е на нереални проекции и е инфлаторен и предизборен.
-Во 2024 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 3,4 проценти, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, најави Бесими.
Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.
Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка.
Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство.
Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент.
До крајот на годината се очекува натамошно намалување на инфлацијата и таа во просек да изнесува 9,2 проценти, а следната година да се стабилизира на 3,6 проценти во услови на одржување стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.
Проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.
Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра.
Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година.
Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари, за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. Капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари.
Се очекува раст на бројот на вработени од два процента.
За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари.
За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари.