Продолжуваат преписките меѓу Груевски и Мицкоски

Раководство на ВМРО-ДПМНЕ уверува дека партијата е обединета и дека нема опасност од поделби. Јавното манифестирање сплотеност низ безмалку секојдневното присуство на лидерот и најблиските соработниците на терен доаѓа како одговор на потенцијалната закана за оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ –, а тоа е Никола Груевски.

Христијан Мицкоски и денеска повторува дека е комотен и дека ВМРО-ДПМНЕ никогаш, како што вели, не била посилна.

„ВМРО-ДПМНЕ никогаш не била пообединета и гориме од желба да бидат распишани предвремени избори. Ако до скоро бев во дилема дали сме блиску до 61 пратеник, сега немам дилема дека ќе имаме 61 пратеник зашто така ќе ставиме крај на распрачувањето, криминалот, тајните разговори и преговори. 17.20 Ние сме комотни и сите загрижени политичари кои не напаѓаат и обвинуваат за неединство, ги повикувам тоа да го тестираат и веднаш да одиме на избори и да видиме кој е кохезивен, а кој не“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Не се повлекува од тврдењата дека неговиот поранешен политички ментор и човек кој го круниса за шеф на ВМРО-ДПМНЕ сега, во соработка со власта работи против него и против партијата. Груевски, според Мицкоски, за да се спаси од гонење, работи на обезбедување пратеници за двотретинско мнозинство за уставните измени.

„Ако ме прашувате за тоа дека постои оска меѓу Ахмети, делови од СДСМ и Никола Груевски за обезбедување пратеници, апсолутно го осудувам, го отфрлам и сум згрозен. Затоа треба избереме, дали сме за овој трилинг кој не води кон корпуција и криминал, или ќе избереме напредок за Македонија“, рече Мицкоски.

Одговорот му дојде преку Фејсбук.

„Деновиве Христијан Мицковски и раководството на партијата сурово, жестоко и неочекувано за мене ме нападнаа и обвинија, а од денес е јасно дека водат однапред подготвена кампања против мене, дека наводно сум подготвувал соработка со власта на штета на партијата и нацијата… На членовите на партијата, активистите и сите во раководството им порачувам да не наседнуваат на вакви погубни стратегии, да размислуваат со своја глава, да бараат цврсти докази кога ги тераат некого да осудат на невидено, за да не се еден ден во ситиација да се извинуваат и да се правдаат, дека биле прелажани, дека слепо некому верувале, дека сега им е криво, не ги знаеле добро работите или слично. Ова очигледно е голема игра во која сакаат да ве повлечат сите“, напиша Никола Груевски.

Противникот, СДСМ, навидум се дистанцира и гледа „политички сеир“ во другиот табор.

„ДПМНЕ се распаѓа. Очигледно големи се внатрепартиските проблеми во белата палата и анти ЕУ кампусот. Јавноста е сведок дека повторно внатрешниот раздор, кавги и поделби во ДПМНЕ кои кулминираат овие денови Мицкоски се обидува да ги натовари на СДСМ. Обидите за создавање конфузија во јавноста и очајната потреба да ја вмеша и СДСМ во внатрешните поделби и кавги во ДПМНЕ нема да му помогнат на Мицкоски“, рече Богданка Кузеска од СДСМ.

Иако веќе 5 години е бегалец и живее во Будимпешта, Груевски, според познавачите на состојбите, се уште има влијание врз одредени структури во ВМРО-ДПМНЕ, партија со која раководеше речиси 15 години. Иако од Македонија избега како поразен политичар гонет од законот, Груевски се уште високо котира кај граѓаните – на последната анкета на ИРИ објавена во јули годинава тој е на втората позиција на листата политичари на кои најповолно се гледа во земјава.