Граничните премини меѓу Србија и Косово, Брњак и Мердара се уште се затворени за сообраќај. Тие беа затворени од косовските власти откако во петокот попладне претставници на неколку српски здруженија ги блокираа патиштата во близина на три гранични премини.
Блокадите беа организирани како одговор на одлуките на Владата на Косово за затворање на паралелните српски институции на северот на земјата.
Неколку лица се уште се на барикадите во близина на граничниот премин Мердаре, јавува Радио Слободна Европа.
Во близина беа запрени неколку камиони.
Драгиша Мириќ, претседател на здружението „Корени“ од Ниш во Србија, вели дека блокадите на тој граничен премин ќе останат до понатамошно известување и дека луѓето се менуваат по шест часа.
Во околината на граничниот премин Јариње, каде исто така имаше блокади, од саботата наутро нема никој и сообраќајот се одвива нормално од двете страни на границата.
„На граничниот премин Јариње сообраќајот на возила од двете страни на границата, вклучително и возила со српски и косовски регистарски таблички, се одвива без никаков проблем“, изјави заменик директорот на косовската полиција за Север Ветон Елшани.
Одлуката за затворање на граничните премини ја донеле косовските власти бидејќи, како што изјави косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечла, „маскирани лица запираат автомобили и ги легитимираат патниците“ на српската страна од границата.