Продадени се три стана и гаража на Сашо Мијалков, 332.000 евра завршија во Буџетот

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот – Дритон Небиу денеска информираше дека од продажбата на три стана и гаража, одземени со пресуда од Сашо Мијалков во државниот Буџет се слеаја 332.276 евра.

Сите три стана се на улицата Славејко Арсов, едниот од нив од 78м2, и двата од по 73 м2. На аукцијата се продаде и гаража од 30 квадрати во КО Центар 2.

– За недвижностите имаше наддавање кое се одвиваше непречено и истите завршија успешно. Согласно наддавањето во државниот буџет ќе бидат уплатени парични средства кои беа одземени од граѓаните и истите ќе бидат уплатени во вкупна вредност од 332.276 евра. Продолжуваме и понатаму за истиот предмет и во најскоро време ќе објавиме продажба и на други недвижности за кои има правосилни судски пресуди – изјави Небиу.

– Ги охрабрувам граѓаните на РСМ во секое јавно наддавање и аукција претходно да аплицираат и конкурираат слободно зошто законот е над сите нас, никој не е над законот, ние само го почитуваме законот и ќе продолжиме без никави пречки и без никаков застој во нашето понатамошно раководење со Агенцијата – рече Небиу.

Најави дека наскоро на аукција ќе се најдат уште станови и градежно земјиште конфискувани од Мијалков за кои исто така има правосилна судска пресуда.

Во септември годинава беа продадени три одземени недвижности од Мијалков за сума од 244.000 евра.