Проблемот со струшката депонија пред Судот во Стразбур

„Ова значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонија која се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на два километри од Охридското Езеро – светско природно наследство“, велат од адвокатската канцеларија.

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ја допуштил апликацијата поднесена во врска со дивата струшка депонија, соопшти адвокатската канцеларија „Стојкоски и Ќатоски“. Адвокатите од Струга заедно со Здружението на млади правници ја поднесоа апликацијата во мај, откако домашните судови се прогласија за ненадлежни.

„Ова значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонија која се наоѓа на само 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и на два километри од Охридското Езеро – светско природно наследство“, велат од адвокатската канцеларија.

Депонијата, како што велат, загадува со над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот. Во постапката тие бараат утврдување повреда на правото на пристап до суд (Член 6 од Европската конвенција), повреда на правото на приватен и семеен живот, како и повреда на правото на ефективен правен лек.