
Пријави до ДКСК: Сомнежи за незаконско унапредување во АНБ на братот на министерот и магистрирањето на Јанев
Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), чија претседателка Татјана Димитровска е осомничена за оддавање службена тајна, доби уште две пријави со сомнежи за незаконско унапредување и непотизам.
Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), чија претседателка Татјана Димитровска е осомничена за оддавање службена тајна, доби уште две пријави со сомнежи за незаконско унапредување и непотизам. Едната е за Игор Андоновски, брат на министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и син на Љупчо Андоновски, советникот за национална безбедност на премиерот Христијан Мицкоски и поранешен директор на УБК, пренесе Слободен печат.
Втората е поради сомнежи за незаконско издавање диплома за магистер на Александар Јанев што, според пријавителот, значи дека и неговото именување на функцијата директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) е незаконско. Со оглед на тоа што Антикорупциска веќе го истражува министерот Андоновски, ова е уште пријава повеќе против семејството Андоновски.
Двете пријави беа испратени во понеделникот по електронска пошта до медиумите, и иако на прв поглед се чинеше дека се испратени од политичката партија „Левица“, оттаму во разговор за „Слободен печат“ негираа дека тие ги испратиле пријавите. Но овие пријави, од засега непознат дојавувач стигнале до Државната комисија за спречување на корупцијата и иако обезглавена, со осомничена претседателка, Комисијата отворија предмети и ќе истражува.
-Ве известуваме дека на 11.05.2025 година, по електронска пошта, до ДКСК доставени се двете пријави за кои прашувате. Наведените пријави се заведени од страна на ДКСК и по истите се оформени предмети во рамките на законските надлежности на ДКСК – велат од Комисијата за „Слободен печат“.
Љупчо Андоновски е татко на Стефан Андоновски, актуелен министер за дигитална трансформација, но и на Игор Андоновски, новиот началник на Агенцијата за национална безбедност за Град Скопје. Таму, неофицијално, бил унапреден во декември, од началник на единицата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) – Гази Баба, каде што бил поставен во август.
Сомнеж за непотизам и незаконско унапредување на Игор Андоновски
Едната пријава во ДКСК е за сомнеж за непотизам и незаконско унапредување на Игор Андоновски, кој според наводите во пријавата, за само пет месеци двапати е унапреден на повисоко работно место, прво во август 2024 година во началник на единицата на АНБ Гази Баба, а во декември е унапреден во началник на канцеларијата на АНБ за Град Скопје. Законот за АНБ, во членот 113, изречно предвидува дека треба да помине најмалку една година од неговото последно унапредување.
– Игор Андоновски е незаконски унапреден во друго работно место началник на канцеларија на АНБ за Град Скопје со основна плата од 1.300 бода, спротивно на член 113 став 1 алинеја 5 од законот за Агенција за национална безбедност се нагласува во пријавата. Игор Андоновски е незаконски унапреден во повисок платен ранг спротивно на членот 109, кој ги пропишува условите за унапредување во повисок платен ранг од Законот за АНБ, а во врска со членот 111 од истиот закон каде што се пропишува дека исполнувањето на условите за унапредување во повисок платен ранг се проверува еднаш годишно, и тоа на 1 јуни за сите работници во Агенцијата, а во врска со член 116 од истиот закон каде што се пропишува дека работата на работниците на Агенцијата задолжително се оценува еднаш годишно најдоцна до 1 декември за тековната година“, конкретно се објаснува што е незаконско во пријавата.
Освен сомнежите за незаконско унапредување, во пријавата се спори и тоа што Андоновски, како што тврди пријавувачот, нема поминато полиграфско тестирање за проверка на професионалниот интегритет, што според Законот за АНБ од член 67, е задолжителен услов за засновање и задржување работен однос.
На 14 февруари годинава, АНБ, на чие чело е директорот Бојан Христовски (за кого се води предмет во Обвинителството за сомнеж за лажен сертификат за англиски јазик), соопшти дека почнува со примена на полиграфско тестирање.
Самата Агенција соопшти дека законската обврска за примена на полиграфско тестирање е предвидена со основањето на Агенцијата во 2019 година, но поради „нејзино неспроведување во претходните пет години, негативните реакции и критиките од стручната јавност не изостануваат“.
Произлегува дека Андоновски лани бил унапреден без полиграфско тестирање, но и дека сите што се вработени во АНБ не го поминале „тестот на вистината“, иако тоа е еден од условите за засновање работен однос.
„Слободен печат“ се обрати за наводите од пријавата до АНБ, но оттаму велат дека информации треба да бараме од ДКСК и уште еднаш потврдија дека полиграфското тестирање се спроведува од февруари.
– За постапување по пријавите што се предмет на интерес во Вашето барање, надлежен субјект за постапување е ДКСК. Според наведеното, за сите информации во однос на пријавите потребно е да побарате информации од наведената комисија. Полиграфското тестирање во АНБ е ставено во функција од февруари 2025 година и се предвидува да биде спроведено во сите случаи во согласност со Законот за АНБ, велат од АНБ за „Слободен печат“.