Приштина го забрани влезот на сите возила од Србија во Косово

Владата на Косово објави дека, „по киднапирањето на тројцата косовски полицајци од страна на српските сили“, одлучи да го забрани влезот на територијата на Косово на сите возила со таблички од Србија, јави Радио слободна Европа (РСЕ).

Веста за сервисот на албански јазик на РСЕ синоќа ја потврди портпаролот на Владата на Косово, Перпарим Криезиу, кој изјави дека по настанот што се случи во средата на границата со Србија, косовските институции одлучиле да го зголемат нивото на контрола на границата.

– Од безбеднони причини. институциите одлучија да го зголемат нивото на контрола на границата.

Поради тоа одлучено е да се забрани влезот на возила со таблички на Република Србија, а во меѓувреме продолжува анализирањето на ситуацијата од безбедносните институции, изјави Криезиу.

Настанот, според Полицијата на Косово, се случил во среда напладне, кога се претпоставува дека полициските службеници биле киднапирани од српски сили при патролирање во месноста Тресаве/Баре, на граничната линија меѓу двете држави во северно Косово.

Тресаве/Баре се наоѓа во општина Лепосавиќ, на територијата на Република Косово.

Официјални извори од Белград изјавија дека лицата се уапсени од антитерористичка единица на српската жандармерија, внатре на територијата на Србија, во општина Рашка.

Косовското државно раководство тврди дека полицајците се киднапирани на косовска територија и велат дека се работи за „чин на агресија“ од страна на Србија.

Тие бараат од меѓународниот фактор да ја осуди Србија за таквото однесување и да ги принуди српските власти веднаш да ги ослободат приведените полицајци.

Полицијата на Косово објави дека тројца нејзини припадници во средата, 14 јуни, биле киднапирани од маскирани лица од Србија на едно од патиштата во северно Косово, на меѓудржавната граница, што се користело од српски криминални групи за нелгален премин и шверц од Србија.

Медиумите во Белград тврдат дека косовските полицајци се уапсени на српска територија, при што објавија и фотографии од апсењето на униформираните лица кои се наводно косовски полицајци.

Приштинските медиуми, пак, напоменуваат дека вчерашниот инцидент се случи ден откако во Северна Митровица беше уапсено лицето Милун Миленковиќ – Луне, за кого се вели дека е еден од водачите на нелегалната организација, поддржувана од Белград, позната како „Цивилна заштита“ и организатор на нападите врз припадниците на КФОР и косовската полиција за време на неодамнешните протести на косовските Срби во Звечане.