Приходите од туризмот во Грција во првата половина од годинава се зголемиле за 11 отсто

Во првата половина од 2025 година, бројот на туристи во Грција бележи минимален раст од 0,6 отсто, меѓутоа приходите од туризмот се за 11 проценти повисоки споредбено со истиот период лани, покажуваат податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во првата половина од 2025 година, бројот на туристи во Грција бележи минимален раст од 0,6 отсто, меѓутоа приходите од туризмот се за 11 проценти повисоки споредбено со истиот период лани, покажуваат податоците од Банката на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Во периодот јануари – јуни 2025 година, Грција ја посетиле речиси 11,7 милиони туристи, а приходите достигнале до 7,66 милијарди евра.

Поконкретно, како што соопштија од Банката на Грција, приходите од туризмот забележаа раст од 11 отсто во споредба со истиот период во 2024 година и изнесуваат 7,66 милијарди евра.

Порастот се должи како на зголемените приходи од жители на земјите од ЕУ за 8,5 отсто, на 4 милијарди евра, така и на зголемувањето на приходите од жители на останатите земји за 13,7 проценти кои изнесуваат 3,2 милијарди евра.

Во однос на бројот на туристи, се зголемил за само 0,6 отсто споредбено со лани, а земјата ја посетиле 11,69 милиони туристи.

Туристичкиот сообраќај преку аеродромите бележи раст од 4,9 отсто, додека преку копнените гранични премини е забележан пад од 13,1 отсто.

Од земјите-членки на ЕУ, Грција ја посетиле 6,4 милиони туристи (намалување од 6,3 отсто во споредба со истиот период лани), додека од останатите земји има зголемување за 10,5 проценти е достигнувајќи до 5.3 милиони патници.

Во однос на податоците за јуни 2025 година, и покрај тоа што бројот на туристи во Грција се намалил за 1,7 отсто во споредба со истиот месец лани, приходите се зголемени за 8,8 проценти.

Во конкретниот месец, драстично се намалени пристигнувањата преку копнените гранични премини (за 19,7 отсто).

Минатата година беше рекордна за туризмот во Грција со речиси 36 милиони туристи и приходи од 21,7 милијарди евра.