„Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје делумно го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по предметот за злоупотреба на положбата и овластувањата при реализација на договорот за реконструкција на фасадата на Владата како дел од проектот „Скопје 2014“ и на првоосомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена, додека на второосомничениот му определи мерка куќен притвор“. Оваа информации вечерва ја соопштја од ОЈО.
„Предметниот обвинител за останатите двајца осомничени до Судијата на претходна постапка достави предлог на мерки за обезбедување присуство за кои Судот ќе одлучува во редовна постапка. Воедно, судијата го усвои Барањето за донесување на привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот и го прифати Предлогот за издавање на решение за привремено запирање на извршување на финансиски трансакции со предлог за привремено одземање на имот“ – се додава во соопштението на ОЈО.
Претходно денеска Обвинителстото соопшти дека по сеопфатна предистражна постапка, јавен обвинител донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 4 лица кои ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување на градежни и градежно занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата.
Со дејствијата, како што посочија од ОЈО, првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери во износ од 484.654.000,00 денари (околу 7,9 милиони евра) .
Второосомничениот, со умисла поттикнат од првоосомничениот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на предметниот договор не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и на тој начин дозволил подизведувачот да вградува декоративни фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики.
„Трето и четврто осомничените како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, ги искористиле нивните посебни овластувања и должности што ги имале врз основа на договорот за вршење на стручен надзор и ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96 проценти минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна“ – додадоа од ОЈО.
Од Обвинителство наведоа дека од месец декември 2014 година до месец август 2015 година првоосомничениот како одговорно лице – управител на друштвото за градежништво, трговија и услуги со искористување на посебните овластувања што ги имал согласно Законот за трговски труштва како управител на друштвото, прибавил значителна имотна корист во износ од 8.823.916,00 денари (околу 143.500 евра) за политичката партија.