Судот во Басман во Москва на барање на истрагата му одреди притвор на Алишер Касимов, осмиот осомничен во случајот со терористичкиот напад во концертната сала Крокус Сити во близина на Москва.
На Касимов му е одреден притвор до 22 мај, соопшти денеска судот, пренесува Интерфакс. Рочиштето беше затворено по барање на истрагата.
Касимов (31) е руски државјанин роден во Киргистан, а на прашање на судијата дали ги разбира обвиненијата, тој рече дека бара станари и дека не ги познава обвинетите за терористичкиот напад.
Тој нагласи дека не знаел за плановите на оние кои го контактирале. Судот во Басман претходно им одреди притвор на седуммина осомничени во случајот со терористичкиот напад, од кои пет се државјани на Таџикистан, а двајца се со руско државјанство, но се родени во Таџикистан, јави Интерфакс.
Меѓу нив се и четворицата обвинети за кои истрагата тврди дека се директни извршители на терористичкиот напад и три лица кои според истражителите им помагале, односно изнајмиле стан и им обезбедиле автомобил и пари.
Во терористичкиот напад на концертната сала Крокус Сити Хол во Москва на 22 март, загинаа 139 лица, а околу 180 беа повредени.