Притворена и поранешната прва дама на Јужна Кореја поради сомнение за корупција

Поранешната прва дама на Јужна Кореја, Ким Кеон-хи, е сместена во самица во притворски центар во Сеул откако судот издаде налог за нејзино апсење како дел од истрагата за повеќе случаи на корупција, изјави денеска функционер на затворската администрација.

Ким Кеон Хи и нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Џун Сук Јеол, со тоа станаа првата претседателска двојка во историјата на земјата која истовремено е во притвор, наведе јужнокорејската агенција Јонхап.

Ким беше префрлена во притворскиот центар Намбу, во југозападен Сеул, кратко откако Окружниот суд во Сеул издаде налог за нејзино апсење доцна синоќа, наведувајќи го како причина ризикот од уништување на докази.

Поранешната прва дама ќе има посебни термини за капење и физички активности, за да не доаѓа во контакт со други притвореници.

Специјалниот обвинител Мин Јунг-ки побара налог за нејзино апсење минатата недела поради сомнение за кршење на Законот за пазар на капиталот, Законот за политички донации и Законот за поткуп.

Според сегашниот закон, поранешните претседатели и нивните сопруги имаат право на заштита обезбедена од претседателската безбедносна служба, но по апсењето на Ким, тоа право повеќе не важи.

Поранешниот претседател Џун Сук-јеол е веќе во притвор во друг затвор јужно од Сеул, поради обид за воведување воена состојба во декември минатата година.