Пристигна големиот романски противпожарен авион „Спартан“ кој фрла т.н. водни бомби од повеќе од пет тони. Како логистика, со него во придружба е и авионот „Херкул“. Ќе започнат да дејствуваат набргу во гаснењето на пожарите, изјави денеска директорот на Центарот за упрување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов.
Тој информира дека утрово, во 5 часот, одржал брифинг со пилотите на хеликоптерите кои полетуваат за да ги изгаснат пожарите ширум земјава.
– Четири хеликоптери полетаа кон планината Серта. Во општина Радовиш, кај селото Колајево упативме два големи армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптер и еден црногорски хеликоптер. Во село Негорци, Гевгелија упативме два словенечки хеликоптери, а во Општина Ново Село, во непосредна близина на границата со Бугарија, упативме еден голем турски хеликоптер и еден голем српски хеликоптер. Но, нешто подоцна поради разгорување на пожарот во Радовишко, во непосредна близина на градот Радовиш, кој може да претставува опасност за борова шума, српскиот хеликоптер го пренасочивме кон Радовиш, појасни Ангелов.
Ангелов нагласи дека на територија на државава имаме уште неколку, како што рече, сериозни и опасни пожари кои најверојатно ќе бараат воздушна поддршка. Тоа се пожарите на територија на општините Чашка, Долнени, Студеничани, Зелениково и под Солунска глава.
– Пожарот под Солунска глава се одвива на исклучително тешко пристапен терен, а и на поголем дел непристапен терен. Таму ќе го упатиме романскиот „Спартан“, кој во еден налет ќе фрли пет тони вода, па потоа ќе одлучиме што понатаму, изјави Ангелов. Додаде дека за овој авион е карактеристично тоа што на местата каде ги фрла водните бомби не треба да има луѓе, односно пожарникари, зошто тие претставуваат опасност за нив.
Директорот на ЦУК потенцира дека во овој момент нема опасност за ниту едно населено место, а целата состојба е под контрола.
– Даваме се од себе. Покрај трите „ер трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), два армиски хеликоптери, еден полициски хеликоптери, на кој најверојатно денес ќе му се придружи и втор полициски хеликоптер, рече Ангелов. Потсети дека досега на помош во гаснењето на пожарите пристигнаа два словенечки хеликоптери, еден хрватски канадер, кој ќе се приклучи во гаснењето на пожарот на планината Серта и веќе полета, и по еден хеликоптер од Црна Гора и од Србија.
Во гаснењето на пожарите од земја се вклучени поголем број на пожарникари, 100 припадници на Армијата, 30 припадници на полицијата. Додаде дека пожарите се на тешко пристапен терен и затоа се фокусирани во нивно гаснење од воздух.
– Голема благодарност до сите пријателски држави кои со своите летала помагаат да се справиме со огнената стихија која ја зафати државата последната недела, рече Ангелов.