Приоритети со 55.000 евра: Алиу објаснува зошто за болниците во Кичево и Штип се планирани минимални средства

За Клиничкиот центар во Скопје, ресорниот министер Азир Алиу вели дека експерти анализираат дали е подобро да се гради целосно нов и на друга локација, или да се доинвестира во Градската општа болница „8 Септември“.

За Клиничкиот центар во Скопје, ресорниот министер Азир Алиу вели дека експерти анализираат дали е подобро да се гради целосно нов и на друга локација, или да се доинвестира во Градската општа болница „8 Септември“.

Министерот за здравство Азир Алиу, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, уверува дека прашањето за изградба на нов клинички центар во Скопје е меѓу приоритетите, но дека во моментов ресорот се реструктуира во две насоки – зајакнување на примарното здравство во комбинација со нов клинички и регионален пристап.

„Увидовме дека двете работи мора да ги направиме брзо. Прво, примарното здравство ни е приоритет поради тоа што тоа е првиот филтер на граѓанинот за да може преку таа здравствена патека да дојде до терцијарно здравство. И ако таму не ги дефинираме добро протоколите, ни се случува тоа што сега го имаме – 70% од граѓаните да завршат во Скопје, на Клинички. Вториот момент е регионалниот пристап – рековме дека нашиот здравствен систем ќе се структурира по региони. И токму затоа овие три региони ни се битни, затоа почнавме од таму – Штип, Тетово и во Кичево, за да може понатаму второто ниво на инвестиции во инфраструктурата да биде комбинација на Клиничкиот центар со другите региони коишто ќе имаат здравствени институции што навистина наликуваат на здравствена институција и се доволно инфраструктурно покриени за да може таа услуга да биде со квалитет дадена кон нашите граѓани“, вели Алиу.

За Клиничкиот центар во Скопје, министерот кажа дека во моментов експерти анализираат дали е подобро да се гради целосно нов и на друга локација, или да се инвестира во „8 Септември“.

„Се анализираат и од временска гледна точка и од инфраструктурна гледна точка, но исто така и од економска гледна точка“, вели Алиу.

Прашан дали ако нема предвремени избори, во мандатот на оваа влада може ли да отпочне изградба на нов клинички центар во Скопје, Алиу вели дека не сака да говори за рокови.

„Не би сакал да ви дадам рокови бидејќи сум инженер и по една година ќе ме прашате до каде сте. Да почнеме со овие три, да видиме како ќе ни оди со Кичево, Тетово и Штип. Во меѓувреме, да видиме од експертите каде ќе се инвестира бидејќи, на пример, ако се инвестира во „8 Септември“ за да може таму клиничкиот центар да се дислоцира, дел од зградите таму, од инфраструктурата, веќе е постоечка и ние инвестираме таму нови операциони сали, нова инфраструктура, технологија внатре. Исто така, фасадата, еден од спратовите е буквално целосно реновиран, целата фасада ќе биде целосно реновирана, кровот од објектот и ценам дека таа временска рамка таму ќе биде помала од отколку да градиме одново или да градиме каде што сме сега и плус да инвестираме во реновирање на постоечките инфраструктурни објекти“ вели Алиу.

Од каде пари за инвестицискиот циклус што го најавува власта, кога во предлог-буџетот за 2026 г. се предвидени само околу 55 000 евра за изградба на болница во Кичево, а под една ставка, исто така од 55 000 евра, се ставени изградба на нов клинички во Скопје и Штип, беше едно од прашањата до министерот. Првиот човек во здравството вели дека тоа не значи оти тие пари ќе го покријат целиот процес на инвестиции.

Во ставката инфраструктура можат дополнително да се стават средства, вели Алиу, најавувајќи 205 милиони евра од финансиската рамка од договорот со Обединетото Кралство.

„Тоа е едниот извор. Имаме и други извори. Знаете дека ние имаме други финансиски извори и од ЕУ. Дел од нив се исто така грант, дел се кредитни линии, но имаме и со Светската банка активности поврзани со здравствениот систем. Значи, имаме неколку различни извори поврзани со инфраструктура, затоа ги предвидовме сите тие активности“, додава Алиу.