Принцот Чарлс: Во чест на служба на кралицата, по тој пример ќе продолжиме и во годините што доаѓаат
Принц Чарлс и оддаде почит на својата мајка, кралицата Елизабета Втора, на 70-годишнината од нејзиното стапување на британскиот престол. Тој порача дека тоа е можност земјата да се обедини и да ја прослави нејзината работа во служба на нацијата. И се заблагодари на кралицата за нејзината вчерашна изјава дека се надева дека Камила, сопругата на Чарлс, ќе стане кралица кога тој ќе стане крал.
„Свесни сме за честа што ни ја укажа мајка ми со нејзината желба. Мојата драга сопруга ми беше постојана поддршка цело време кога работевме заедно за да му служиме и да го поддржуваме нејзиното височество и луѓето во нашите заедници“, рече принцот Чарлс.
Тој порача дека годината во која се одбележува овој единствен јубилеј носи можност сите да се соберат заедно „во чест на службата на кралицата, по чиј пример ќе продолжиме да се водиме и во годините што доаѓаат“.
Во ноември 1947 година, кралицата Елизабета Втора се омажила за Филип Маунтбатен, поранешен принц на Грција и Данска, со кого има четири деца – престолонаследникот Чарлс – принцот од Велс, Ана – кралската принцеза, принцот Ендру – војводата од Јорк и принцот Едвард – грофот од Весекс.